Застрашувачки слики од поплави денеска доаѓаат од Словенија, каде досега најмалку три лица загинаа како последица на невремето и катастрофалните поплави кои ја зафатија Словенија.
Ситуацијата е исклучително сериозна, армијата е на терен, а активиран е и акциониот план, кој предвидува активирање на силите на словенечката армија во случај на природни катастрофи од поголеми размери.
Ситуацијата е најтешка во Корушка, изјави командантот на провинциската цивилна заштита Алан Матијевиќ. Надојдената Мислиња го урна мостот на главниот пат Дравоград-Словењ Градец во Отишки врв, непроодни се и неколку други патишта.
Многу области се поплавени, а на места нема вода за пиење или сигнал од мобилниот телефон.
Податоците на Агенцијата за животна средина (АРСО) покажуваат дека во делови од северна, северозападна и централна Словенија паднале над 100 милиметри дожд во рок од 24 часа, што е просечната месечна количина на врнежи.
Луѓето мораа да бидат евакуирани од неколку делови на земјата, вклучително и долината Личница во општина Медводе северозападно од Љубљана. Најлоша е состојба во областа Шкофје Лока, во долините Селц и Пољана, кои се отсечени од светот поради поплавените патишта.
Започна евакуацијата и во Целје. Евакуацијата на населението во Целје започна поради опасност од излевање на реката Савиња, а Лашко е отсечен, јавуваат словенечките медиуми.
Поради исклучително лошата хидролошка прогноза и големата веројатност за излевање на Савиња, евакуација на целата област Лишче на десниот брег, целиот стар дел на Целје од центарот на градот е во тек.
Се очекуваат и поплави на реките Крка, Сава, Драва и Дравиња, изјави хидрологот Јанез Полајнар.
Невреме ја опустоши и Љубљана. Сирени се огласија во некои делови од градот. Интервенциите се во тек во градското подрачје, сите расположливи сили на противпожарната служба се на терен.
Доброволната противпожарна бригада од градот Менгеш во централна Словенија, северно од Љубљана, објави драматични фотографии од спасувањето на децата од градинката во Гобица.
„Ги известуваме родителите дека успешно ги евакуиравме сите 22 деца во објектот Сончек“, напишаа на социјалната мрежа.
Три лица загинаа како последица на невремето и катастрофалните поплави што ја зафатија Словенија, објави словенечката новинска агенција СТА. Еден Словенец загина во областа Камник, а двајца Холанѓани во планините во областа Крање. Околностите на смртта сѐ уште се утврдуваат, соопштија за агенцијата од полицијата.
Командантот на Цивилната заштита Сречко Шестан истакна дека на многу места пристапот до загрозените подрачја е невозможен. Од кампот Менина со хеликоптер мораше да се извлечат неколку лица, а има и проблеми со комуникациите.