Турција првпат Празникот на победата ќе го одбележи без воена парада

Од:

 Во Турција денеска се одбележува националниот Празник на победата.

На 30 август 1922, турската армија предводена од Мустафа Кемал (подоцна попознат како Ататурк) извојувала значајна победа против грчката армија, со што новата Турска Република ја извојувала и ја утврдила својата независност, којашто официјално била прогласена наредната 1923 година.
По прогласувањето на Република Турција, 30 август е означен за официјален празник на турската армија, потсетува БТА.

Годинешниот празник се чествува  додека се уште се свежи сеќавањата за обидот за воен преврат, којшто на 15 јули беше инициран од група воени лица, наводно поврзани со таканаречената Фетулахистичка терористичка организација – ФЕТО.

Двесте  и четириесет цивили загинаа вечерта кога тоа се случи. Бомбардирана беше и зградата на Парламентот. Превратот беше осуетен благодарение на граѓаните кои излегоа на улица, како и на друга група армиски службеници, коишто решително се спротивставија на превратот и ги поддржаа законски избраните власти и претседателот.

Моментно тече истрагата, а тоа сериозно ги засегна вооружените сили. Илјадници од Армијата беа отстранети од должност, а затворени беа и средните воени училишта. Во турската армија се спроведува темелна реорганизација.

Претходните години Празникот на победата беше чествуван со низа воени паради, приеми… Но, поради неодамнешните случувања, годинава тоа нема да биде случај. Ќе се запази само традиционалното поклонение на раководството на турската армија и на политичките лидери во Мавзолејот на Ататурк во Анкара, проследено со полагање венци. А пак, претседателот, кој воедно е и главен командант на Армијата, ќе се запише во Почесната книга, јави БТА. 

Највпечатливата промена е тоа што нема да има парада на војската и воената техничка спрема ниту во Анкара, ниту во Истанбул. Поради десетиците годинешни терористички напади и жртвите, ќе изостанаат и приемите. Наместо тоа, претседателот Реџеп Тајип Ердоган во својата резиденција Бештепе, во Анкара организира ручек за роднините на загинатите при обидот за воениот преврат.

Главната опозициска Републиканската народна партија (ЦХП) ќе организира одделни настани по повод Празникот на победата. Ќе имаат свој „голем поход” во Анкара, рута која ќе започне од Централниот плоштад до Мавзолејот костурница на Ататурк, каде што ќе положат венци.

Опшините во Истанбул – Бешикташ, Авџилар, Малтепе, Картал и другите каде локалната власт е во рацете на ЦХП, исто така ќе организираат полагање венци на спомениците на Ататурк, концерти, настапи…

Како секоја година, така и сега се очекува стотици илјади Турци да го посетат мавзолејот на Ататурк во знак на почит кон делото на основоположникот на независна Република Турција.  

Би можело да ве интересира

Вооружена пресметка меѓу две групи во Турција: Три лица загинаа

Горан Наумовски

ЕУ увезува руска нафта преку турските пристаништа

Турција: Едно лице е тешко повредено во експлозија во зграда

Спасени сите кои беа заробени на жичарницата во Анталија

А1он

На протестите во Турција загина маж, четири лица се повредени

Откриена причината за пожарот во ноќен клуб во Истанбул во кој загинаа 29 лица