Трансплантацијата на органи во Хрватска патоказ на другите

Од:

Во денешниот свет да се биде прв и најдобар во што било е исклучително тешко, а да се одржува тоа прво место со години речиси е незамисливо тешко. Токму во тоа успева Хрватска, која веќе со години е на самиот светски врв според бројот на извршените трансплантации на органи, сметајќи го бројот на донаторите на милион жители.

Според официјалните податоци на Министерството за здравство, само во текот на 2015 година во Хрватска, благодарение на племенитата одлука за дарување на органи на 169 починати донатори, прилика за пресадување на органи добиле 399 пациенти на листа на чекање.

„Со стапка од 39 донатори на милион жители, Хрватска покрај Шпанија е единствена земја во светот која до сега успеала да оствари толку висока стапка на донирање. Прелиминарните податоци од 2015 година покажуваат зголемен број на донатори на органи за 13 отсто, како и бројот на трансплантација на органи за 10 отсто во однос на ланската година‟ – наведоа од тоа министерство. Напоменуваат и дека тие резултати се одраз на солидарност и висока освестеност на граѓаните за важноста на личната одлука на секој пациент за донирање на органи по смртта.

Трансплантации се вршат веќе 45 години

Кога се зборува за трансплантација на органи во Хрватска, треба да се знае дека првата е направена пред 45 години во болницата во Риека. Од тогаш се проширил бројот на болниците каде се вршат трансплантации, па така тие зафати се вршат уште и во клиничките болници во Загреб, Дубрава и Меркур, како и во Осиек.

Според официјалните податоци, само во текот на ланската година пресадени се 213 бубрези, 141 јетра, 37 срца и осум штитни жлезди. Притоа, трансплантациски зафати успешно се реализирани во пет лиценцирани трансплантациски центри и тоа во Меркур 188 трансплантации, во КБЦ Загреб 147, во Риека 30, Дубрава 14 и Осиек 12 трансплантации. Истакнуваат и дека квалитетот на трансплантациските зафати, благодарение на искусните мултидисциплинарни трансплантациски тимови, е на ниво на најдобрите ЕУ центри.

Во исто време се бележи и исклучителен ангажман на сите болници во спроведување на донаторските програми, што како што се наведува, е една од клучните прични за овие успеси. Како најуспешни донаторски болници лани се истакнаа КБЦ Риека со 31 донирање на органи, КБЦ Сплит со 23 и Општата болница во Вараждин со 18 донирања на органи.

Поддршка на јавноста

„Нашите резултати се плод на повеќегодишен напор и ентузијазам на голем број на здравствени работници како и на системската поддршка на Министерството како национален координативен и регулаторен орган за развој на оваа програма. Благодарение на целата низа на поттикнувачки мерки, во последните шест години ние сме на самиот светски врв според стапката на донатори и трансплантирани органи‟ – рече националната координаторка за трансплантациската програма др. Мирела Бушиќ. Таа додаде и дека во создавањето на позитивна клима и културата на донирање на органи, важна улога одиграле и медиумите, Хрватската донаторска мрежа и самите пациенти – приматели на органи (Хрватското здружение за трансплантации).

„Поддршката на јавноста кон донирањето на органи во нашата земја е голема. Членовите на семејствата, во повеќето случаи, настојуваат да ја почитуваат желбата на починатото лице за донирање на органи, а често и самите иницираат разговор на таа тема. Со тоа искажуваат доверба и многу им ја олеснуваат работата на докторите, а сите пациенти кои го примаат дој подаротк, вечно им се благодарни за тоа‟ – вели др. Бушиќ.

Во почетокот на февруари оваа година во КБЦ Осиек извршена е 100-та трансплантација на бубрег, што е исклучителен резултат на оваа славонска болница. Во таа болница со трансплантации почнале кон крајот на 2007 година. Медиумите забележаа дека јубилеен пациент бил Драган Јоцковиќ (39) кој во текот на претходните 10 месеци одел три пати неделно на дијализа.

Директорката на трансплантациската програма за бубрег во КБЦ Осиек, Лада Зибар, инаку специјалист по нефрологија, вели дека основна причина за толку добри трансплантациски резултати во Хрватска е фактот дека целата програма е добро подготвена.

Закон за донирање

„Имаме одличен закон, воведовме и болнички координатори, а станавме и членка на меѓународната организација за трансплантација на органи Еуротрансплант. Никако не смееме да ги заборавиме ни стручните лекари кои го вршат сето тоа‟ – вели Зибар.

Имено, законот за донирање на органи кој е во сила во Хрватска, вели дека секој граѓанин е потенцијален донатор на органи по мозочна смрт, ако за тоа не се противел додека бил жив и ако во регистарот на недонатори при Министерството за здравство не е оставена писмена изјава. Наспроти законот, семејството секогаш се прашува за дозвола и нивната волја секогаш се почитува. Членството во Еуротрансплант во 2007 година отвори нови можности за хрватската трансплантациска програма, која стана меѓу најдобрите во светот. Имено, во неа се вклучени повеќе земји од Европа и во неа се чуваат податоци од сите пациенти кои се на листата. Притоа се повеќе параметри, како далечината и соодветноста, се бодуваат, а сето тоа се врши преку компјутер.

Компјутерската програма ги анализира податоците на пациентите на чекање и донаторите, за да најде пар кој најдобро одговара и така да ја намали можноста организмот да го отфрли новиот орган. Со други зборови, пациент од Хрватска може да добие бубрег од било која членка на Еуротрансплант, но исто така и дониран орган од Хрватска да заврши во било која друга земја членка.

Листа на чекање

Таквиот начин на работа овозможи на Јоцковиќ, пациент од Осиек, да биде само четири дена на листата на чекање за трансплантација на бубрег. Забележан е и случај од пред неколку години кога пациент во КБЦ Осиек трансплантацијата не ја чекал ни еден цел ден поминат на листата на чекање.

Хрватскиот модел овозможи на листа на чекање за трансплантација на бубрег во Хрватска моментално да има околу сто лица, а во осиечката болница 14. Токму поради таквите резултати се смета дека и другите земји од регионот можат да ги искористат искуствата од Хрватска и своите програми да ги направат по примерот на Хрватска. Тоа на пациентите во тие земји би им овозможило покусо да чекаат на трансплантации и понатаму да можат да продолжат нормален живот.

„Планираме и понатаму да продолжиме со исто темпо, но секако и дополнително да се едуцираме и да го зголемиме квалитетот. Желба ни е на што поголем број на пациенти да им излеземе во пресрет и да им овозможиме и понатаму нормален живот, колку што е можно. Тоа го потврдува примерот и од минатиот месец, кога една наша пациентка на која и беше извршена трансплантаци, роди бебе‟ – заклучи Зибар. 

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Тепачка во трамвај во Загреб, се пресметаа двајца постари мажи

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Горан Наумовски

Земјотрес во Риека: Се тресеше тлото во Хрватска

Горан Наумовски

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски