Албанскиот претседател Илир Мета денеска беше во посета на Елбасан на одбележувањето на патронот на познатиот манастир посветен на „Свети Јован Владимир“.
Мета не го криеше задоволството што по покана на православната заедница и митрополитот во Елбасан, г. Андониј, денеска е на одбележувањето на патронот на манастирот посветен на, како што рече „еден од најважните светци на Балканот“.
– Со задоволство ја прифатив поканата на православната заедница и митрополитот во Елбасан, господин Андониј, да се придружам денеска на верскиот празник Свети Јован Владимир, еден од најважните светци на Балканот, симбол на единството на народите без оглед на националноста, рече Мета.
По традиција, иако во помал број од порано, поради пандемијата, на одблежувањето на патронот присуствуваа верници од повеќе земји од регионот, меѓу кои и од Северна Македонија.
– Среќен сум што запознав многу граѓани од земјите во регионот, Северна Македонија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Србија, кои беа дојдени тука да прослават заедно и во целосна хармонија со албанските верници. Да се промовира секоја вредност што ги обединува нашите нации, преку поттикнување на соработка, соживот, дијалог и толеранција меѓу етникумите и верите, за зајакнување на мирот, стабилноста и безбедноста во нашиот регион, порача Мета.
Албанскиот претседател додаде дека се придружил на молитвите на верниците за здравје, благосостојба и радост во секое семејство.
Тој ја разгледа и изложбата на копии од икони со ликот на светецот чии оригинали може да се видат во божји храмови во повеќе балкански земји. Изложбата е отворена во дворот на манастирот, а ја организираше здружението на Црногорците со седиште во Елбасан.
Мета редовно присуствува на одбележувањето на патронот на манастирот „Света Марина“ во Туминец, општина Пустец велејќи дека секогаш се чувствува пријатно и гордо меѓу „прекрасната македонска заедница“.