Студениот бран од Балканот се префрли во Турција

Од:

Студениот бран од Балканот се префрли на источна Тракија, а потоа дојде и до Истанбул и регионот на Мармара, наведуваат денеска турските медиуми.

Поројните дождови врнеа во окрузите Сакарија и Коџаели во северозападна Турција, а кај селото Сапанџа надојдената река го поплави стариот меѓународен пат за Бугарија, јави БТА.

Околу 20 возила и еден патнички автобус беа зафатени од водената стихија, а некои од патниците во обидот да се спасат панично скокаа од автомобилите.

Во регионот се испратени спасувачки екипи, противпожарни возила и сообраќајна  полиција. По околу шест часа патот беше повторно отворен за сообраќај, а движењето на возилата обновено.

Во регионот на Мраморното Море дува силен ветар со брзина меѓу 30 и 60 метри во секунда. Поради тоа запрено е движењето на бродовите- катамарани од Истанбул за Јалова, Измит, Коџаели, Чанак Кале и Бурса.

Во Истанбул температурите драстично опаднаа од речиси 30 степени во  неделата на денешните 14 степени. Во градот и околината, особено во европскиот дел, врне дожд , а се очекува врнежите да се префлат и кон азискиот дел од градот.

Властите предупредуваат за можни поплави.

Според синоптичарите, студениот бран е со послаб интензитет во споредба со ударот што го имаше врз Бугарија. Најпогодена е источна Тракија, каде на високите места врне лапавица, а температурите се околу четвртиот степен.

– И натаму се забележува тенденција на покачување на нивото на реката Марица кај Едрине поради обилните врнежи во Бугарија, изјави едринскиот гувернер Дурсун Али Шахин.

Според него, во последните 24 часа протокот на Марица од 300 кубни метри во секунда е зголемен за три пати и во поладневните часови била измерена проточност од 961 кубни метри во секунда.

Властите во Едрине се ставени во состојба на готовност од евентуални поплави, но едренскиот гувернер уверува дека нема опасност од излевање на Марица.

– Критичната точка за излевање на Марица е околу 1.300 кубни метри во секунда. Освен тоа, поучени од искуството во минатото, кога Марица надоаѓаше и поплавуваше големи површини, преземавме многу сериозни мерки, пред се, чистење на коритото на реката, а беа зајакнати и насипите долж брегот. Постојано се вршат мерења на протокот на водата, што потоа и се соопштуваат и на бугарската страна, додаде Шахин. 

Би можело да ве интересира

Турција: Едно лице е тешко повредено во експлозија во зграда

Спасени сите кои беа заробени на жичарницата во Анталија

А1он

На протестите во Турција загина маж, четири лица се повредени

Откриена причината за пожарот во ноќен клуб во Истанбул во кој загинаа 29 лица

(ВИДЕО) Голем пожар во Истанбул, најмалку 15 загинати

Горан Наумовски

ЕУ воведе забрана за летови на турската „Саутвинд Ерлајнс“ поради врски со Русија

Горан Наумовски