Средба Ципрас – Путин во Москва

Од:

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, во надеж за заживување на економската соработка меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Атина.

Во пресрет на доаѓањето Ципрас во Москва, доцна синоќа беа објавени информации дека со Путин може да се дискутира и за проблемите кои Грција ги има со ликвидноста. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека можеби ќе се разговара и за долгот на Грција, но додаде дека во дискусијата ќе се покрие „целиот спектар“ на грчко-руските односи.

Рускиот министер за финансии Антон Силуанов вчера рече дека грчката Влада не побарала заем од Москва, и оти за ова прашање нема да се дискутира. Една од клучните отстапки со кои Ципрас би сакал да се врати во Атина е договор со Москва за укинување на ембаргото за грчкиот извоз на овошје и зеленчук во Русија.

Весникот „Комерсант“ објави дека руската страна ја разгледува можноста за намалување на цената на природниот гас кој „Газпром“ го доставува до Грција.

– Ние исто така сме подготвени да разговараме за можноста на Грција да и се дозволат нови кредити. Но, за возврат сме заинтересирани за реципрочни потези, особено во однос на тоа Русија да добие одредени средства од Грција, изјавил за весникот извор од руската Влада.

Двајцата лидери, исто така, можеби ќе дискутираат и за плановите на Русија за гасоводот „Турски поток“, со кој ќе се пренесува гас до грчко-турската граница.

Министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Унгарија, Србија и Турција вчера во Будимпешта се договорија за зајакнување на регионалната енергетска безбедност и конкурентност. Министрите рекоа дека нивната цел е да се формулира стратегија за да се добие гас од повеќе извори и да има конкуренција меѓу добавувачите кои би се натпреварувале за потрошувачи.

Би можело да ве интересира

Изгореа 20 станбени и комунални згради во југоисточната руска република Бурјатија

Двајца Македонци осудени на по пет години затвор во Грција, внесувале фалсификувани лични документи

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

Грција воведува шестдневна работна недела

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Додик отпатува за Русија