Србија меѓу Западот и Истокот

Од:

Гласот на Америка – Вашингтон

За 23 ноември најавена е посета од претседателот на Владата на Република Србија, Александар Вучиќ на седиштето на НАТО во Брисел, а тоа е чекор кон смирување на тензиите на Балканот и можност во Србија повеќе да се промовира соработката со НАТО.

Некои аналитичари велат дека и позицијата на Србија меѓу НАТО и Русија е многу чувствителна, дека е на сила втора Студена војна во која балканската земја се најде во средина, а дека посетата на Брисел е шанса да се остварат поцврсти врски со западната Алијанса.

– Актуелната безбедносна состојба во нашето непосредно соседство и досега беше тема на многу разговори и заседанија, но како што се интензивира прашањето за мигрантската криза и тероризмот, со враќањето на доброволците на ИД на Балканот, како и политичките тензии на релација Сараево-Бања Лука, секако има влијание на тоа состанокот да се одржи во овој момент. Јасно е дека регионалната стабилност и мирот на Балканот е приоритет на сите, па дури и на НАТО и поради тоа не треба да зачудува моментот во кој доаѓа до оваа средба, вели Влада Радуловиќ, извршен директор на Атланскиот совет на Србија.

И самиот премиер на Србија во интервју за италијанскиот весник „Република” изјави дека „тензиите кои се вратија на Западен Балкан се на најопасно ниво уште од крајот на војните од 90-те години од минатиот век”.

Раководството на Република Српска на 25 септември организираше референдум на кој мнозинството граѓани се изјаснија дека го поддржуваат 9 јануари како празник на државноста, а кој Стејт департментот го осуди и го оцени како илегален.

– Моментно во регионот емоциите се силни, а на сила е пропаганда за заговор за војна, па НАТО мора да води сметка каква поддршка ќе и пружи сега на Србија. Посетата доаѓа во момент кога ќе наиде руски бран на одобрување во Србија, бидејќи Москва го поддржа референдумот во Република Српска, вели за Гласот на Америка воениот аналитичар Александар Радиќ.

Западните власти ја поздравија одлуката на официјалната власт во Белград да не го поддржат одржувањето на референдумот во Република Српска и многумина ја оценија Србија како голем фактор на стабилноста на Балканот.

Бошко Јакшиќ долгогодишен новинар и коментатор на весникот „Политика“, посетата на Вучиќ на НАТО ја гледа како важна од две причини.

– Значењето на оваа посета е голем, бидејќи тоа е прва посета на тоа ниво откако беше потпишан ИПАП договорот со НАТО, тоа на некој начин е запечатување на еден од важните договори, по средбата која премиерот ја имаше со американскиот потпретседател Бајден, а имајќи предвид дека воената соработка на Србија и САД како водечка земја на НАТО, е најважна компонента на билатералните односи на Србија и САД, тогаш во тој контекст тоа е важно. Втора работа која е многу поактуелна, а која во штабот на НАТО сакаат да ја слушнат од српскиот премиер е каков ќе биде неговиот став пред доаѓањето на рускиот премиер Медведев во Белград, наведува Јакшиќ.

Посетата на рускиот премиер Дмитриј Медведев на Србија е најавена рамковно за октомври. Соработката на Белград и Москва сега главно јакне со присуството на руски медиуми и отворање на невладини организации, а во Парламентот има и партии кои отворено заговараат антиевропоска и проруска политика.

Русија игра значајна улога во српската економија, бидејќи „Нафтената индустрија на Србија“ (НИС) е во мнозинска сопственост на руски „Газпром“, а државата речиси сите потреби за природен гас ги подмирува од Русија. Меѓутоа, таа не е клучен надворешно-трговски партнер на Белград, туку тоа е Европската унија.

Од друга страна Србија е опкружена со земји кои или се членки на НАТО, како што се Романија, Унгарија и Хрватска или имаат силно присуство на НАТО трупи на теренот, како што е тоа случај во Косово и Босна и Херцеговина.

– Се чини дека соработката со НАТО е на маргините и медиумски изгледа дека повеќе соработуваме со Русите, вели воениот аналитичар Радиќ и додава дека „се поставува прашањето како Вучиќ стратешки да ја промени сликата дека Србија е свртена кон Русија”.

Во меѓувреме Србија ја јакне соработката со НАТО, а последниот голем чекор беше ратификацијата на ИПАП, односно Индивидуалниот акциски план, што е најдалечен чекор кој може да го направи земја која нема аспирацици да стане членка на Алијансата.

Во 2015 година српската војска учествувала во 197 различни проекти и активности со НАТО, а во само 36 со Русија.

Аналитичарите главно се согласуваат дека позицијата на Србија е тешка на средина меѓу политиката на Истокот и на Западот и дека земјата константно балансира на политичка, воена и економска лулашка.

– Ако зборуваме за втора Студена војна меѓу Русија и Западот, има елементи кои зборуваат во прилог на тоа. А што се однесува до прекршувањето на тој однос преку Балканот, тука се зборува за реакцијата на Москва која порачува – ако вие сакате да не дестабилизирате во Украина, тогаш ние сме во состојба да ви покажеме дека сме во можност да дестабилизираме некои други региони и тоа би можело да се евидентира според влијанието на Русија во политичките потреси во Црна Гора, Македонија, да не зборувам за заштита на нивниот бастион на руски интерес, кој се вика Република Српска, објаснува Јакшиќ.

Во текот на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк премиерот Вучиќ се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Во таа прилика се осврна на изјавата на генералот на НАТО, Петар Павел дека Балканот е се уште потенцијален извор на воени судири и изјави дека од овој став е „разочаран”.

Директорот на Атланскиот совет во Белград, Влада Радуловиќ дефинира кои се тие групи кои се перципираат како потенцијално најопасни по безбедноста во регионот.

– Балканот во одреден контекст секако може да претставува кризно подрачје, но кога тоа го велам, пред се мислам на безбедносните предизвици, ризици и закани кои се однесуваат на тероризмот и радикалниот, т.е. милитантниот ислам. По директно, кога зборувам за потенцијални воени судири на овие простори, пред се мислам на тие држави од чии територии во регионот заминуваат најголем број идни борци на Исламската Држава, а тоа се БиХ, Косово па и Македонија. Мигрантската криза и враќањето на доброволците од сириското и ирачкото боиште, се најголема закана по мирот на Балканот, вели Радуловиќ.

Тој заклучува и дека „Балканот поради наведените безбедносни предизвици со кои се соочува, навистина претставува потенцијален простор за избивање на конфликти и околу тоа сите се согласуваат. На крај на краиштата и изјавите на домашните лидери говорат во прилог на тоа”.

Коментаторот на „Политика“, Бошко Јакшиќ вели и дека потенцијално горливите точки во регионот одамна се идентификувани, но дека не гледа опасност од можен воен судир.

– Постои една перманентна, тлеечка опасност од конфликти во регионот. Во крајна линија НАТО и САД идентификуваа три точки во регионот, тоа се Босна, Македонија и Косово. Ништо околу тоа не се промени во последните години, а некаде конфликтот се заостри, но сепак се е тоа далеку од воен конфликт, вели Јакшиќ.

Србија во 2012 година како дел од соработката со Русија отвори Руско-српски хуманитарен центар во Ниш, база за помош при вонредни состојби како што се елементарни непогоди, а и одржа неколку заеднички воени вежби со руската војска како таа од 2014 година во Никинци во Војводина. За есента оваа година закажани се заеднички српско-белоруски-руски вежби на воздухопловните-десантни сили под име „Словенско братство 2016 година“.

– Се на се, јасно е дека вежбите со Русија апсолутно нема да го променат политичкиот пат на Србија, кој е насочен кон Европа, иако некои прашања како Руско-српскиот хуманитарен центар во Ниш и дипломатскиот статус на персоналот кој престојува таму, можат да бидат причина за одредени политички притисоци, наведе Радуловиќ.

Јакшиќ се согласува и вели дека една од темите на разговорите секако ќе биде и прашањето за базата на југот на Србија, како и статусот на рускиот персонал кој се наоѓа таму.

– Симболиката на руската база во Ниш ќе биде токму едно од тие прашања за Вучиќ на состанокот во Брисел и колку што знаеме засега, српскиот премиер не е подготвен да одговори на руското барање, рускиот персонал во тој центар да добие дипломатски пасоши, изјави Јакшиќ во разговорот за „Гласот на Америка“.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Земјотрес во Србија

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски