Соработката меѓу Турција и Србија е од клучна важност за одржување на стабилноста, мирот и просперитетот на Балканот и ширум цела Европа, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Србија.
Тој во Белград пристигна со делегација составена од десет министри и 185 бизнисмени и инвеститори.
Главна тема на разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ и со државниот врв, како што истакнаа двајцата претседатели на прес-конференцијата, беше економијата. Потпишани се 16 договори, од кои најзначаен е новиот договор за слободна трговија меѓу двете земји, со кој ќе се зголеми извозот на говедско месо и сончогледово масло во Турција, како и турските инвестиции во Србија.
Разговарано е и за гасоводот Турски поток.
– Изградбата на Турски поток продолжува низ црноморскиот регион, низ Турција и кон Европа. Министрите за енергетика на Србија и Турција зборуваа за гасоводот, ние ги продолжуваме разговорите со Путин, и во најкус рок би сакале да и донесеме гас на Србија. Мислам дека Путин нема негативно да гледа на ова и сметам дека за многу бргу време гасот ќе дојде до Србија и овој проблем ќе се реши, изјави турскиот претседател.
Ердоган и Вучиќ најавија нови турски инвестиции во текстилната индустрија и во бањите, како и значајно учество на турските градежни работници во изградба на автопатот Белград-Сараево и аеродромот Лаѓевици.
Српскиот претседател изјави дека ќе гради најдобри можни односи со Турција, бидејќи тие се од големо значење за Србија.Тој ја потенцираше потпишаната Декларација за политичка соработка според која двете држави ќе имаат состаноци еднаш годишно, што ќе придонесе за зајакнување на односите со Турција.
Двајцата државници учествуваат и на Бизнис форумот Србија-Турција.
Вториот ден од посетата, турскиот претседател ќе престојува во Санџак, регион кој е главно населен со муслимани.
Поради посетата на Ердоган зголемени се безбедносните мерки, а покрај неговите 50 лични телохранители, ангажирани се и над 3.000 српски полицајци.