Во организација на Европската комисија, денеска во зградата „Шарлемањ” во Брисел ќе се одржи Третата конференција за медиумската состојба во земјите од Западниот Балкан и во Турција, јави дописникот на МИА од Брисел.
Медиумски претставници, новинари, лица од граѓанското општество, меѓу кои и од Република Македонија, заедно со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан се очекува да дискутираат и да ги претстават состојбите во медиумите во земјите од Западен Балкан, како и во Турција.
Како што е познато, годишната стратегија на Еврокомисијата за проширување на Европската унија, усвоена во октомври минатата година, ја истакна слободата на изразување и медиумите како еден од најважните предизвици за земјите-аспиранти за членство во Унијата. Згора на тоа, слободата на изразување се смета за приоритет на пристапувањето кон ЕУ.
Според ЕК, претходните две изданија на Спик-ап конференцијата, организирана од Генералниот директорат за проширување во 2011 и 2013 година произведоа вредни заклучоци што станаа важна референтна точка за справување со прашањата, формулирање на политиките и пристап за помош во оваа област. Две години подоцна, според неформалната Влада на ЕУ – време е да се направи преглед на постигнатите резултати и да се дефинира патот за напред.
За таа цел, според Комисијата, денешната конференција ќе собере новинари, медиумски аналитичари, носители на одлуки за проширувањето во државите, властите и експертите од меѓународни, регионални и национални организации посветени на промовирањето слобода на изразување, со цел тие да разговараат за достигнувањата и постојаните предизвици.
Овогодинешното издание ќе се стави акцент на медиумската писменост, професионалните и етичките стандарди во мејнстрим медиумите, недостатокот на солидарност меѓу новинарите што се изложени на политички и економски притисоци, спречувањето да се формира ефикасна саморегулација што доведува до лоши услови за работа во медиуми итн. На конференцијата, исто така, ќе се испита повеќеслојнате улогата на социјалните медиуми во контекст на демократијата, за фино подесување на политика во помошта во врска со слободата на медиумите и патот за напред.
Поврзано со конференцијата, оваа година ќе има и специјален настан – презентација на прелиминарните резултати од оценувањето на основно ниво според “Насоките за поддршката на ЕУ за слободата на медиумите и медиумскиот интегритет во земјите за проширување 2014-2020”.
Сепак, оваа конференција и настапот на еврокомесарот Хан се во сенка на минатонеделното отсуство на став на Европската комисија во врска со затворањето на медиум од стран ана властите во Турција и тоа на само неколку денови пред одржувањето на предвремените парламентарни избори. Савот на Брисел дека “тоа е внатрешно прашање на Турција” ја стави под сомнеж и прашање борбата на Европската унија за медиумски слободи, а поради ставот на попуштање на Брисел кон Турција поради ситуацијата со бегалците и мигрантите.