Специјалното обвинителство за корупција и организиран криминал, СПАК, води истрага против поранешниот претседател Илир Мета и лидер на Партијата на слободата, за две кривични дела, јави Ора њуз.
Според истиот извор против него се води истрага за кривично дело „пасивна корупција“ од член 259 од Кривичниот законик и за кривично дело „фалсификување обрасци“ од член 190 од истиот законик.
-Според извори на СПАК, станува збор за непријавен одлив на финансиски средства во ЦИК за лобирање и изборни трошоци за ефектот на лобирањето во САД, наведува телевизијата.
Истрагата за Мета започна поради пријава поднесена во јуни од поранешниот пратеник Халит Валтери, кој ја пријави и сопругата на Мета, Моника Криемади, тврдејќи дека двајцата треба да бидат обвинети за перење пари и корупција, при тоа обвинувајќи ги и државните институции за неактивност.
Наводно неговата партија, тогаш Движење за соцјалистичка интеграција, ЛСИ понудила 700.000 долари за лобирање од кипарска компанија, со цел да обезбеди покана и фотографирање за Мета за церемонијата на инаугурација на Доналд Трамп како 45-ти претседател на САД на 20 јануари 2017 година, во време кога Мета беше претседател на албанското Собранието.
Самиот Мета вчера реагираше нарекувајќи го СПАК институција заробена од мафијата со инценератори.
-Доаѓа септември и народната правда не ќе може никој да ја запре! Ништо повеќе не може да го спаси Рамовиќ (се однесува на Рама) – напиша Мета во првата реакција.
Ора њуз наведува дека како лица кои имаат сознанија за околностите на истрагата, освен Мета ќе бидат повикани и други лица а обвинителството ќе испрати писмо до САД за сослушување на компаниите за лобирање.
Извор: МИА