Што остана од протестното движење?

Од:

Обвиненија за корупција, цензура на интернет, насилен советник на шефот на владата: една година по протестите поради плановите за реконструкција на паркот Гези, турската влада повторно е на удар на критики. Меѓутоа, нејзината сила не е разнишана.

Сликите се слични – со водени топови, солзавци и гумени куршуми, турската полиција интервенира против гневните маси демонстранти. Новиот бран на протести следеше по рударската несреќа во Сома. Пред една година еден планиран градежен проект во паркот Гези во Истанбул, предизвика демонстрации. И денес, исто како пред една година, зад протестите стои далеку повеќе од еден настан. Се работи за длабоко вкоренето незадоволство од шефот на владата Реџеп Тајип Ердоган и од политиката на неговата исламско-конзервативна партија АКП. Истовремено изгледа дека се зголеми моќта на премиерот. На локалните избори оваа пролет, неговата партија освои 45 отсто гласови и со тоа постигна уште подобар резултат од 2009 година.

Цензура на интернетот

И најновите дебати за ограничување на слободата при изразување на мислењето во Турција низ привремено блокирање на Твитер и видео порталот ЈуТјуб, на Ердоган не му наштетија многу. – Тоа е тема само за големите градови и студентите – вели Мурат Ердоган, политиколог од Универзитетот Хачетепе во Анкара. – Тоа не е тема за широкото општество.

Многумина воопшто немаат поим што е проблемот и што е забрането. Сепак, како што наведува Мурат Ердоган, по протестите од пред една година, во владата постои еден вид гезифобија – страв дека некој голем протестен бран не би можел да се контролира. За Ердоган е многу поедноставно во парламентот да се бори против слабата опозиција, отколку против масовните демонстрации на улиците.

Слаба опозиција

И токму таа слаба опозиција, според ставот на политиколозите, е една од основните причини за континуираниот успех на Ердоган. За слабоста на опозицијата постојат многу причини. Турскиот изборен систем за парламентарните избори, за избор на Големото национално собрание, предвидува минимален изборен праг од 10 отсто. АКП на избори за прв пат излезе во 2002 година. Иако освои само 34 отсто гласови, во парламентот благодарение на изборниот закон доби речиси две третини пратенички места.

Покрај тоа, вели Мурат Ердоган, опозицијата е вмешана во идеолошка дебата: – Левичарската партија до сега покажа мал интерес за проблемите на обичните луѓе. За неа беа важни кемализмот и турската Република.

Од улица во парламент

И протестното движење настанато во текот на демонстрациите во паркот Геза, до сега пропушти да ги обедини своите политички барања и да ги собере во една партија, вели Екрем Еди Гузеклере, политички аналитичар од Истанбул. Од една страна тоа има врска со тоа дека основањето на партија во Турција е многу комплицирано, скапо и админстративно тешко, а од друга страна има врска со тоа дека не беше организирана група која таму се собираше, туку заедница од различни хиерархиски центри.

Меѓутоа, Гузелдере наведе дека преку протестното движење барем се покрена процес кој долгорочно го промени граѓанското општество. – Но, додека тоа се претвори во политичка форма или стане повлијателно во политичките структури, може да помине и деценија.

Пред претседателските избори

Во август во Турција ќе се одржат претседателските избори. Тогаш првпат народот директно ќе избира турски претседател. Партиите имаат време до крајот на јуни да ги номинираат своите кандидати. Се претпоставува дека премиерот Реџеп Тајип Ердоган ќе настапи како кандидат на АКП, бидејќи формално е исклучена можноста да добие понатамошен мандат на функцијата премиер.

Ердоган до сега официјално не ја потврдил својата кандидатура. Меѓутоа, експертите од неговите поларизирачки настапи оценуваат дека е јасен сигналот дека предизборната трка веќе е почната. Најновите извештаи за неговите нечувствителни настапи по рударската несреќа во Сома и фотографијата на која негов советник тепа еден демонстрант, тешко ќе има влијание на успехот на неговиот избор, смета новинарот Гузелдере. – Фотографијата на насилниот советник не е објавена во ниту еден весник кој е близок до АКП, така многу негови гласачи за тоа не знаат ништо.

Дојче веле – Бон

Би можело да ве интересира

Турција: Едно лице е тешко повредено во експлозија во зграда

Спасени сите кои беа заробени на жичарницата во Анталија

А1он

На протестите во Турција загина маж, четири лица се повредени

Откриена причината за пожарот во ноќен клуб во Истанбул во кој загинаа 29 лица

(ВИДЕО) Голем пожар во Истанбул, најмалку 15 загинати

Горан Наумовски

ЕУ воведе забрана за летови на турската „Саутвинд Ерлајнс“ поради врски со Русија

Горан Наумовски