Приврзаниците на историскиот лидер на албанските опозициски демократи, Сали Бериша, во Конгресната палата во Тирана денеска одржуваат Национално собрание, на кое учествуваат 1.800 делегати.
Собирот го организира како што се нарекуваат „Комисија за обнова на Демократска партија“, а треба да изберат нов состав на Национален совет, да изгласаат измени во статутот и да определат датум за избор на нов лидер на партијата.
Присутните Бериша го дочекаа со овации извикувајќи „Сали херој, тебе те сака цела Албанија“.
Делегатите кои се обратија од говорницата упатија обвинувања на адреса на до неодамнешниот лидер Љуљзим Баша, кого го сметаат за главен виновник за длабоката поделба во партијата, што го „правел во договор со Еди Рама“ и повикаа на обединување, оценувајќи го денешниот собир како „ново поглавје кое има можност да стане историско“.
Меѓу присутните се и поранешни пратеници и носители на високо функции во време на владеењето на демократите, меѓу кои и Јосефина Топали, поранешна претседателка на албанскиот Парламент и екс потпретседателка на партијата. Поради несогласувања со Баша, најмногу поради неостварените очекувања да застане на чело на партијата, веднаш по неговиот избор 2013 година таа ја напушти партијата.
„Комисијата за обнова на ПД“ веќе го зазеде партиското седиште, поради што вршителот на должноста претседател, Енкелед Алибеај, вчера средбата со помошникот секретар за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид ја оствари во просторите на албанскиот Парламент.
Во меѓувреме се очекува одлуката на Апелацискиот суд во Тирана, кој треба да пресече, кој е всушност претставник на партијата, приврзаниците на Бериша или тие на Алибеај.
Извор: МИА