Бугарија ќе биде посветена на мирот и стабилноста на Западен Балкан и земјата ќе продолжи да биде штит од какви било закани, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев во заедничките изјави со косовската претседателка Вјоса Османи, јави дописникот на МИА од Софија.
Радев коментира дека Бугарија ги поддржува активните напори на Косово да се изгради како модерна држава. Радев и Османи разговарале за европската перспектива на Косово. За Бугарија иднината на Косово е во ЕУ, рече Радев. Тој рече дека ја поздравува солидарноста на Косово со ставот на ЕУ за руската војна во Украина.
Бугарија ги поддржува напорите на Косово за членство во Советот на Европа, изјави и претседателот Румен Радев. Тој нагласи дека Бугарија продолжува да прави напори за зајакнување на безбедноста на Балканот.
Двајцата претседатели изразија заедничка поддршка за народот на Украина. Радев истакна дека благодарение на напорите на Бугарија има чекори од страна на ЕУ за ублажување на енергетската криза во регионот на Западен Балкан.Според Радев, земјите од регионот мора да ја докажат својата приврзаност кон вредностите на ЕУ. Важно е и добрососедството. Бугарија ќе ја даде потребната помош и за Косово. Тие се договорија да формираат работна група за решавање на проблемите и предизвиците во енергетската област. Радев коментира дека на граѓаните на Косово со бугарска самосвест треба да им се дадат еднакви можности со останатите граѓани на Косово. Тој изрази очекување дека Косово ќе најде механизми за заштита на правата на локалните Бугари. Радев му се заблагодари на претседателката на Косово, Вјоса Османи, за нејзината посветеност да работи за ова. Од своја страна, косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека Бугарија ја сметаат за партнер и сојузник.
Во Европа се потпираме еден на друг. Косово минува низ различни реформи за зајакнување на владеењето на правото, посочи Османи во Софија.
Извор: МИА