Приватните детективи во регионот: Од прељуба до шпионажа

Од:

Ал Џезира Балкан – Сараево

Приватните детективи во регионот повеќе не се само недопирливи ликови од криминалистичките романи, облечени во балонер мантили со високо крената крагна, шеши чиј обод ги крие очите, цигара во уста која не ја гледаме бидејќи жарот е сокриен со дланката и двоглед на вратот зад кој гледаат додека се позади некоја грмушка, туку професионалци кои постојат во речиси секој поголем град и чии услуги можат да се побараат во било кое време од денот и ноќта.

Иако не изгледаат како погоре опишаните ликови, бидејќи лесно би ги препознале и би биле апсолутно не ефективни, детективите од регионот понекогаш имаат и поинтересни искуства од своите колеги од филмовите, а муштерии има многу, велат тие.

Приватните детективи подеднакво ги ангажираат и граѓани и компании и мажи и жени и обични граѓани и јавни личности, а за широк дијапазон на услуги.

Медена стапица

– Клиентите често ни се јавуваат за истраги за брачни неверства, како и проверка на идниот партнер. Денес сме сведоци на се поголем број разводи, а основната причина е прељуба, така да тука секогаш има работа. Исто така, многу е актуелно полиграфското тестирање – често на нашите клиенти им е полесно наместо тајно следење, кое може да потрае, лицето кон кое постои сомневање, да се тестира на детектор за лаги и брзо да се добијат резултати. Полиграфското тестирање е актуелно за физички, но во голема мера и за правни лица, каде фирмите ги тестираат своите работници, клиенти, како и лица на одговорни функции.

Потоа, тука се деловните и корпоративните истраги, сериозни и моќни клиенти. Се проверува се, деловните партнери, ортаците, соработниците, работниците како и конкуренцијата во браншата, но работиме и проверка на боледувања. Малолетничката деликвенција е секогаш акутелна. Често спроведуваме детекција во чистење на простории од уреди за прислушување, како во станбени така и во деловни простории. Бараме исчезнати и побегнати лица, биолошки родители на оставени деца, избегани потстанари кои не платиле кирија, на лица кои клиентите им нанела емотивна или парична штета, но и за стари, одамна изгубени љубови – набројува Никола Новак, детектив и сопственик на агенцијата Анонимус од Белград.

Тој вели дека неговата агенција, која е една од стотина агенции во Србија, е единствена во регионот која пружа услуги за медени стапици, што всушност е техника со која лицето се намамува со исклучително привлечна млада дама или маж, а кои се соработници на агенцијата.

– Тоа најчесто се случува во ноќните клубови, каде дискретно се воспоставува контакт, со цел да се дојде до бројот на мобилниот телефон на лицето кое не интересира, а се со цел да се закаже фиктивна повторна средба. Некогаш на клиентите и тоа им е доволно, да знаат дека партнерите туку така го даваат својот телефонски број и закажува средба со друго лице, што секако индицира дека е подготвен на прељуба – објаснува Новак.

Полни раце работа

Дина Филиповиќ Гргуриќ, дипломиран криминалист, која 12 години работела во обезбедување на поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, а која сега е единствена жена која се бави со детективска дејност во Хрватска, вели дека и клиентите од нејзината земја бараат слични услуги, додавајќи дека нејзината агенција работи и на откривање на измами кај осигурувања, на утврдување на повреди од работните обврски, како и наоѓање на украдени предмети.

За разлика од искуствата од Хрватска и Србија, во Босна и Херцеговина, според зборовите на Свето Аврамовиќ, детектив и сопственик на детективската агенција Дрина Секјурити, преовладуваат барања поврзани за брачни измами и наоѓање на исчезнати или лица кои се кријат. Всушност, во БиХ, вели Аврамовиќ, интересот за ангажирање на приватни детективи не е толку изразен како во другите земји од регионот.

Детективот Дина Филиповиќ Гргуриќ вели дека нејзината детективска агенција Ди-Декст има полни раце работа, но вели дека избира со кого ќе соработува, со што останува безбедна и чиста во својата работа. Слично е и во агенцијата на Никола Новак, кој истакна дека услугите на неговата агенција, освен во Србија, често ги бараат и клиенти од регионот, но и од Европа, Америка, па дури и Австралија.

Како и во секоја работа и на детективите им се случуваат непријатности, вели Новак, но и интересни ситуации: – Од непријатностите можам да го наведам примерот кога станарите на околните згради ја забележаа нашата екипа на терен, кои повеќе денови чекаа во околината на местото на престој на лице за кое се трага и потоа не пријавија во полиција, мислејќи дека тука сме поради нешто лошо.

И додека колегите од БиХ и Хрватска не сакаат да наведуваат примери, ни интересни ни опасни, детективот Новак ги кажува, но како што вели штитејќи го идентитетот на тие за кои зборува.

Кога реалноста ќе се помеша со филм за Џемс Бонд

– Еднаш ни се случи следново: следејќи една неважна информација на едно женско лице, дојдовме до лице за кое на крај се откри дека е странски шпион кој престојува во нашата земја со мисија, што го проследивме до надлежните органи. Исто така дојдовме до сознанија дека наш граѓанин, кој работел во јавна институција продава државни информации на странска амбасада. И тука реагиравме и тоа лице имаше последици. Има и такви наивни, дури збунувачки ситуации, кога жена преку нас открива дека мажот ја изневерува, но со друг маж.

Како тоа, што поблаго да се соопшти на несреќната дама? Или како, на што поблаг начин да се соопшти на жена дека нејзиниот маж е во тајна врска со нејзината кума која исто така е во брак? Во една прилика демаскиравме едно машко лице кое водеше двоен живот во два града, со две жени и две семејства и успевал тоа да го сокрие со години под изговор за службени патувања. Во оваа работа човек сешто ќе се изнагледа, но и ќе научи многу работи за човековата природа – вели Новак.

Вели и дека секојдневно добива чудни барања.

– Луѓе гледаат филмови за Џемс Бонд, па потоа мислат дека сето тоа е можно и во стварноста, дека ние сме семоќни, така тие барања доаѓаат до домени на научна фантастика. Исто така, луѓето лажно се претставуваат, бараат пристап на забранети информации, бараат да извршиме кривично дело за нив. Често не помешуваат со инспекции па бараат да им помогнеме да ги наплатат долговите.

Сите тројца се согласуваат дека детективската работа е работа без работно време, која не познава разлика меѓу работна недела и празник или викенд, ден и ноќ, а која наспроти тоа, бара висок степен на концентрација и внимание.

Како прво детективот, велат тие, мора да ја сака својата работа, а потоа да биде снаодлив, прилагодлив, дискретен, незабележителен, остроумен, да има добра моќ на запазување, добра меморија и способност за логички заклучоци, да е трпелив, дисциплиниран, издржлив, да поседува добра интуиција, како и способност за трансформации…

Олеснување на полицијата

Сепак, детективката Дина Филиповиќ Гргуриќ истакна дека за десет години бавење со оваа дејност немала потреба да се камуфлира.

– Тоа е филмска перцепција и ме потсетува на серија прекрасни и духовити филмови со Петер Селерс во главна улога како Пинк Пантер. Мислам, а тоа се и мои методи, дека со добра дидактика, здрав резон, со помош на класично криминалистичко образование и со искуство можете како и легендарните Херкулес Поирот, Шерлок Холмс и Мис Марпл, да дојдете до вистината, бидејќи кога ќе соголиш се, останува само и единствено вистината.

Детективската дејност во Хрватска и Србија е регулирана со закон, додека во Босна и Херцеговина таа е озаконета само во ентитетот на Република Српска, што го објаснува значително помалиот број на детективски агенции во таа земја, во однос на другите во регионот.

Од детективската работа, велат, може солидно да се живее, а на рака им оди и тоа што полицијата не се занимава со приватни истраги, па имаат полни раце работа – тешките кривични дела имаат приоритет, а притоа полицијата нема време и доволно полицајци да се посветат на случаи од помал калибар.

Детективот Никола Новак вели дека приватните детективски агенции всушност и олеснуваат на полицијата, но и на клиентите, кои по добиените детективски наоди во повеќето случаи чувствуваат олеснување.

Се на се, велат, детективската работа е тешка, но со оглед на тоа колку е платена, интересна и колку со себе носи возбуда, таа работа е многу посакувана.

Би можело да ве интересира

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Плаќаме 33% поскап дизел, а се уште возимe најевтино на Балканот: Кои се цените на горивата во регионот

Орце Костов

Невреме доаѓа во Македонија – Црвен метео аларм на Балкан, поплави, ризик од торнадо, противградни ракети нема да помогнат

Драматично предупредување на словенечки метеоролог: На Балканот стигнува нова суперклеточна бура

Катерина Ѓуровски