Пресудата против Санадер е очекувана, според хрватските политичари

Од:

Првостепената десетгодишна затворска казна за поранешниот премиер на Хрватска и претседател на ХДЗ Иво Санадер поради воено профитерство и примање мито, според хрватските политичари е очекувана и не е политичка.

Долгогодишниот член на ХДЗ Иван Јарњак очекувал дека Санадер ќе биде осуден, но тврди дека пресудата нема врска со политиката.

– Тоа не е политичка пресуда. Доказите беа мошне цврсти, истакна Јарњак.

– Не! Нема да ликувам!. Но Божјата волја мора да се изврши, изјави пратеникот на ИДС Дамир Кајин. И тој нагласува дека ова не е само политичка пресуда, туку пресуда за еден политичар, кој приватниот го ставил пред јавниот интерес.

– Ова веќе вака не оди, рече Кајин, кој очекувал дека целокупниот процес ќе оди во ширина и оти ќе ги зафати сите, кои оствариле корист на штета на Хрватска.

– Военото профитерство не може да се отвори и затвори само со Санадер, бидејќи имаше и други кои оствариле корист, нагласи тој.

Пратеникот во хрватскиот Сабор Иван Дрмиќ казната ја доживува како премала и своето мислење го појаснува со оценката дека отежнувачка околност е тоа што Санадер бил премиер.

Во нормалните демократски земји, смета Дрмиќ, тоа не е однесување кое би му паднало на памет на еден премиер или шеф на државата.

– Пресудата е всушност очекувана. Ова е прво судење за воено профитерство и Санадер е прв. Не сум оптимист, но досегашното дејствување на правосудството во Хрватска  не наведува на заклучок дека сега ќе се отворат тие процеси против луѓе, кои за време на војната оствариле корист на штета на Хрватска. Би сакал тоа да се оствари и да одговараат сите воени профитери, нагласува Дрмиќ.

Дека пресудата против Санадер ја буди „надежта во борбата против корупцијата“ е уверен и лабуристот Драгутин Лесар, кој очекува дека во второстепената постапка казната ќе биде потврдена.

Пратеничката од СДП Драгица Згребец, која беше на чело на саборскиот истражен одбор во случајот „ИНА – МОЛ“, потсетува дека некои членови на тоа тело сметале и тогаш дека Санадер е виновен.

Пресудата ја коментираше и пратеникот од ХДЗ Даворин Млакар, кој истакна дека не знаел што го очекува, но оти се упатувало на пресудата дека е виновен. Тој не сакаше да се изјасни колку оваа пресуда ќе му штети на ХДЗ. – Сметам дека сега во моментов најмногу му штети на господинот Санадер, додаде тој.

Според аналитичарите по првостепената пресуда за Санадер во случајот „ИНА-МОЛ“ може да се очекува нова криза во мешовитата управувачка структура на ИНА, но и во хрвастко-унарските односи. Тие предупредуваат дека иако станува збор за првостепена пресуда, загрепскиот Жупаниски суд, сериозно ја доведува во прашање деловната репутација на МОЛ, бидејќи имплицира дека таа компанија со сопственичкиот удел во ИНА, како и со управувачките права се здобиле со помош на корупција.

Санадер претходно мирно и без коментар го сослуша објавувањето на пресудата, на која има право на жалба пред Врховниот суд, чија конечна одлука ќе ја дочека во затвор.

По објавата на пресудата, согласно законот со лисици на рацете тој веднаш треба да биде одведен во затворот во Реметинац, со оглед на тоа дека му е изречена казна повисока од пет години.

Од Реметинац Санадер ќе ја чека правосилната пресуда и ќе заминува на други судења во кои е обвинет.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Тепачка во трамвај во Загреб, се пресметаа двајца постари мажи

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Горан Наумовски

Земјотрес во Риека: Се тресеше тлото во Хрватска

Горан Наумовски

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски