Во Тирана, на 80-годишна возраст, почина Цветан Мазнику, голем македонски активист и собирач на фолклорот на Македонците во Албанија. Автор е на една од двете првообјавени книги на македонски јазик во Албанија. Има објавено повеќе од 660 поговорки, а собрал околу 3.000 поговорки, клетви, благослови и други творби од областа на Голо Брдо. Од 1990 година активно собира народно творештво од овој крај.
Роден е во Клење, едно од 22-те села во оваа област. Заедно со професорот Ким Фетаху,од Тирана, го основаа Друштвото на Македонците „Мир“.
Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, меѓу првите искажа најискрено сочувство кон семејството на, како што велат, големиот Македонец.
„Со длабока тага ја примивме веста за смртта на Цветан Мазнику. Мазнику беше долгорочен активист на Македонците од Голо Брдо, автор на неколку книги и статии. Со неговите дела помогнал многу за пренесување на македонските обичаи, фолклор, традици за помладите генерации на Македонците во Република Албанија – соопштија од друштвото.
Мазнику 20 години работел во рудникот за хром во Подградец, потоа во Тирана, во Институтот за истражување. Во Заедница на Македонците беше еден од најголемите поборници за остварување на нивните права во Република Албанија.