Папата Франциско денеска ќе допатува во Албанија, што претставува негова прва посета на земја во Европа каде католиците се малцинство.
Папата на тиранскиот аердором „Мајка Тереза“ ќе пристигне во девет часот, каде ќе биде пречекан од премиерот Еди Рама и високи претставници на католичката црква на Албанија. Половина час подоцна добредојде во претседателскта резиденција ќе му посака претседателот Бујар Нишани, по што ќе има куса средба и обраќање пред високи албански претставници.
Во единаесет часот ќе одржи свечена миса на плоштадот „Мајка Тереза“ на која ќе учествуваат и двајца кардинали, 18 епископи, 240 свештеници, 10 семинаристи и четворица ѓакони. По тој повод католичката црква на Албанија упатува апел за присуство не само на католичките верници, туку и на сите граѓани кои посакуваат да го видат папата и да ја проследат мисата, стои во соопштението од црквата.
Средба и заеднички ручек со високите претставници на албанската католичка црква папата ќе има во 13,30 часот, по што предвидена е средба со министерот за внатрешни работи Саимир Тахири и неговите соработници.
Тој ќе престојува и во катедралата во Тирана, ќе има средба со претставниците на сите верски заедници во земјата (православната, муслиманската, католичката, протестантската и бектешката) и ќе биде без присуство на медиумите, а посетата ќе ја заврши со посета на децата во центарот „Бетаниа“, каде се згрижени главно деца без родители.
Посетата ја завршува во 20 часот, кога авионот полетува од тиранскиот аеродром.
Мобилизирани се околу 2.500 полицајци, кои ќе се грижат за добро одвивање на посетата под драконски безбедносни мерки.
Забранет е сообраќај со автомобили, а сите оние кои ќе сакаат да присуствуваат на мисата ќе бидат внимателно претресени.
Додека италијанските меидуми изразуваат стравување од можноста папата да биде цел на терористички напад, албанскиот министер за внатрешни работи Саимир Тахири смирува.
– Нема индикации дека постои сакана по животот на папата. Презедовме безбедносни мерки без преседан за да го обезбедивме јавниот ред и мир за време на неговата посета, изјави Тахири.
Ватикан исто одбива паника. Неговиот портпарол одлучно демантираше постоење закани од исламистите блиски до организацијата „Исламска држава“, кои би можеле да се вмешаат во масата верници.
Диктаторот Енвер Хоџа во 1967 година ја прогласи Албанија за прва „атеистичка држава“ во светот. Тогаш беа уништени многу цркви и џамии. Папата Франциско го изнесе податокот дека се уништени 1840 католички и православни цркви.
Од три милиони Албанци, 15 отсто се католици, 11 проценти православни, додека муслиманското население претставува 58 отсто.