Власта на Србија се уште крие што се наоѓа во 11-те вреќи со Титовите предмети кои беа затворни во сефот на Народната банка на Србија од 1982 до 10-ти април годинава, кога тричлена комисија предводена од советникот на претседателот Томислав Николиќ, Оливер Антиќ, ги отвори вреќите без присуство на судот и наследниците.
Записникот од отворањето, за кој се претпоставува дека го има, би требало да биде доставен во Првиот основен суд.
Проблем е тоа што освен тричлената комисија, која ја сочинуваа советниците на претседателот на Србија, Оливер Антиќ и Милорад Симиќ, како и заменик на генералниот секретар на претседателот Ненад Јевремовиќ на отворањето не присуствуваше никој друг, со што јавноста би го отфрлила секој сомнеж за можна злоупотреба.
Според поранешниот судија Божо Прелевиќ, претставници на судот за тоа би биле најпогодни, бидејќи нивното присуство би го отфрлило сомнежот дека нешто од депонираните предмети е сокриено.
Криењето на содржината на пакетот со предмети и документи, кој Претседателството на СФРЈ го предаде во НБС 1982 година ја иритира и Виолета Кочиќ Митачек, адвокатот на Титовиот син Мишо и внуката Златица, бидејќи тие први побараа отварање на сефот.
-Логично е од Генералниот секретаријат на претседателот, како правни наследници на Претседателството на СФРЈ, да дадат согласност, но не е логично да бидат сами на отварањето.
Портпаролот на Првиот основен суд, Гордана Вуковиќ за „Блиц“ изјави дека отварањето на сефот не било во нивна надлежност.
-Ние побаравме дозвола од НБС и претседателот, да се отвори сефот, но добивме одговор, дека е формирана тричлена комисија, која ќе ја изврши таа обврска и дека нема потреба претставници на судот да присуствуваат- изјави Вукивиќ.
Титовата внука Светлана Броз најави дека ќе поднесе тужба против претседателот Томислав Николиќ, за кршење на Европската конвенција за човекови права и правото на фер и праведно судење, бидејќи никој од Титовите наследници или претставници на Првиот основен суд не присуствуваа на отварањето на сефот.
Таа нагласи дека е подготвена да оди и до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
Елена Георгиевска