Претседателката на Косово, Вјоса Османи вели дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со неговата реторика, не се разликува од неговиот претходник на чело на српската држава, Слободан Милошевиќ, а неговото дејствување покажува дека не е заинтересиран за стабилност во регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Османи, потврда дека Вучиќ не се разликува од Милошевиќ, кој почина во притворот на Меѓународниот трибунал во Хаг во 2006 година, додека му се судеше за воени злосторства во поранешна Југославија, е речникот со кој се послужи актуелниот српски претседател за да ги опише косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
Запрашана од новинарите да ја коментира изјавата на Вучиќ, дадена за белградски медиум, дека тој е „осамен волк“, додека „Курти и Ѓукановиќ се хиени… кои ја мразат Србија“, Османи рече дека и не очекува нешто друго „од човек кој продолжува да го поддржува Милошевиќ“.
– Не треба да не изненадува јазикот на министерот на Милошевиќ. Вучиќ беше министер за пропаганда во војните во поранешна Југославија предизвикани од неговиот тогашен шеф и сега,во 2022 година, ја повторува истата логика од минатиот век, изјави Османи за врме на денешната посета на Митровица.
Косовската претседателка напомена дека Вучиќ „сé уште не осудил ниедно од злосторствата на режимот на Милошевиќ, туку напротив, продолжува да ги глорифицира и оправдува злосторствата извршени во Косово“.
– Сé уште не ги извел пред правдата извршителите на бројните злосторства и масакри, меѓу кои и геноцидот врз населението во Косово… Од еден човек кој го продолжува менталитетот на Милошевиќ не може да се очекува да говори со аргументиран јазик, рече Османи
Таа вели дека, иако српските власти тврдат дека се на европскиот пат, „со дела покажуваат дека се на патот на (рускиот претседател, Владимир) Путин“.
Во врска со последните информации дека Србија повторно купила оружје од Кина, косовската претседателка изјави дека е тоа уште еден доказ дека Белград не е заинтересиран за стабилност.
– Вооружувањето на Србија не се случува само сега, иако сега поприма загрижувачки размери. Тие го зголемуваат вооружувањето од Кина и Русија најмалку во последните 10 години и тоа кажува дека Србија не е заинтересирана за стабилност на нашиот регион, изјави Османи.
Извор: МИА