Специјалниот известувач на Обединети нации за човековите права на мигрантите, Францис Крепе денеска побара од Грција да прекина да ги апси децата бегалци и мигранти и да развие служба за заштита на децата.
Тој наведе дека се сретнал со деца без придружба држени во полициски станици повеќе од две недели без пристап до надворешниот свет кои биле „трауматизирани и вознемирени“ од таквото искуство.
Крепе наведе и дека другите деца заедно со своите семејства се држени во пренатрупани притворски центри.
– Децата не би требало да се затвораат и точка. Притворот мора да се изрече само кога луѓето претставуваат ризик, закана за јавноста и тоа мора да биде документирана закана, тоа едноставно не може да биде претпоставка, посочи Крепе, кој беше во Грција од 12 мај до денеска.
Тој додаде дека на децата и нивните семејства треба да им се понуди алтернатива на притворот и побара од грчките власти да развијат „суштински и ефикасен“ систем за заштита на малолетните лица без придружба и да ги зголемат сместувачките капацитети за истите.