Еден од најважните воено-политички лидери на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, пензионираниот адмирал на флотата на Југословенската морнарица, Бранко Мамула, почина синоќа на 101-годишна возраст во Тиват.
Мамула беше една од најистакнатите личности кои учествуваа во формирањето и развојот на таа федерација, од Втората светска војна до крвавиот распад на СФРЈ во граѓанските војни во раните 1990 -ти, пишува подгорички „Вијести“.
Тој е роден на 30 мај 1921 година во Хрватска. Беше учесник во НОБ и носител на Партизанска споменица 1941 година. Во јуни 1979 година, беше назначен за началник на Генералштабот на ЈНА, каде што остана до мај 1982 година, кога беше назначен за Сојузен секретар (министер) за национална одбрана, кој го одржа до пензионирањето во највисокиот поморски чин – Адмирал на флота, во 1988 година.
Мамула ќе биде погребан денеска на градските гробишта во Тиват.