Либерленд, самопрогласената микродржава меѓу Србија и Хрватска, неодамна одржа натпревар на архитекти и дизајнери кои требаше да го претстават идниот изглед на градот на напуштената ада на Дунав.
На конкурсот се пријавија дури 72 студии и луѓе од целиот свет, а победата ја однесе групата архитекти RAW-NYC од САД и Обединетите Арапски Емирати.
Нивната визија е населба изградена во слоеви и прилагодена за одгледување на алги кои би требало да бидат користени како еден од изворите на енергија. Станбените единици дизајнирани се така што ниедна не е во сенка, а патната мрежа е комбинирана така што од секоја зграда најважните услуги ќе бидат оддалечени максимално 20 минути пешачење.
Второ место освои полскиот архитект Кристоф Јуросзек, трето место Гркот Стелиос Андреу, четврта позиција е на агенцијата Lab.Id од Аргентина, додека петто место освоија членовите на студијата Серхио Бјанки Архитектура од Италија.
Нивната задача не беше лесна – на најпрактичен, најекономичен, најзелен и најевтин начин требаше да осмислат живеалишта за 340.000 идни жители на Либерленд на површина од само седум квадратни километри.
– Добитниците ќе освојат пригодни парични награди, а победничкиот дизајн ќе го претставува водечкиот принцип во наредните години за развојот на Либерленд, се вели во соопштението на микродржавата.
Да потсетиме, благодарејќи на граничниот спор меѓу Загреб и Белград заради парче земјата на источниот брег на Дунав, Чехот Вит Једличка одлучи на тие седум квадратни километри да прогласи нова држава.
Либерленд е „основан“ април 2015 година, се наоѓа на северниот дел на границата меѓу двете држави на околу десет километри источно од Сомбор.