Муижниекс: Балканот се претвара во целна дестинација на мигрантите

Од:

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс во извештај објавен во Стразбур оценува дека Балканот од транзитна се претвора во целна дестинација за мигрантите.

– Земјите од Западен Балкан се доживуваат како транзитни, но тие полека се претвораат во стандардна дестинација на мигрантите, изјави Мужниекс, истакнувајќи ја потребата од политики на интеграција и инклузивно образование во регионот.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Стразбур, главни проблеми се недостигот на курсеви по јазици во земјите домаќин, неусогласеност на нивниот образовен систем со потребите на децата-мигранти, компликуваната процедура за обединување на бегалски семејства, долгите постапки за добивање на државјанство и ниската вработеност меѓу мигрантите.

Како особено голем предизвик, комесарот ја истакна токму толеранцијата во образовниот систем и потсети на постоечките проблеми со ромските и другите малцинства во овој поглед.

– Во Западен Балкан има комбинација од фактори. Едниот е односот кон етничките малцинства, кој може да доведе до зголемување на ксенофобичните движења и антимигрантски расположенија. Друг е недостигот на искуство и ресурси за прифаќање на толку сериозен број мигранти, изјави Муижниекс, додавајќи дека има примери за успешна интеграција со малку ресурси, како во Португалија.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа ги пофали бегалските центри во Хрватска, а особено за Бугарија и истакна дека има „бавно подобрување” во условите за прием на бегалци.

Во однос на вооружените групи граѓани кои се обидуваат „да ловат“ илегални мигранти долж јужните граници на Бугарија, Мужниекс истакна дека властите треба да ги осудат ваквите активности.

– Но има други (јавни кругови), кои имаат неутрална или дури позитивна позиција за овие групи и тоа е многу опасно. Никој не треба да биде охрабруван да го зема законот во свои раце, изјави комесарот и повтори дека токму недостигот на адекватни политики за интеграција доведува до раст на десничарските чувства во општеството.

Од март наваму балканската миграциска рута кон Западна Европа е блокирана, откако земјите на север од Грција почнаа да ја следат постапката на Австрија и ги затворија своите граници за мигрантите.

Според проценките на разни аналитичари и институции, можно е миграцискиот бран сега да биде пренасочен по нови правци и тоа кон Албанија, Италија, вклучувајќи и преку Бугарија.

Европските држави мора што побрзо да ги интегрираат мигрантите, откако повеќе од еден милион луѓе пристигнаа во Европа во потрага по заштита, порача комесарот на Советот за Европа за човекови права.

– Европските влади кои досега беа зафатени со краткорочни потреби како што е прием и обработка на барања за азил, сега мора да се фокусираат на долгорочна цел за унапредување успешна интеграција на мигрантитем истакна Муижниекс.

Во фокус на препораките е спојување членови на семејства, почитување на правата на престој, курсеви за јазици и интеграција, пристап до пазар на трудот и квалитетно образование, ефикасна заштита од дискриминација и учество во политика.

Во извештајот насловен „Време е Европа да ги интегрира мигрантите“, се даваат насоки на владите и на парламентите за успешна политика на интеграција.

– Мигрантите не се закана, туку шанса. Европските држави би требало да се соочат со предизвик за успешна интеграција и тоа се смета за долгорочна инвестиција во своја стабилна и безбедна иднина, наведува Муижниекс во извештајот.

Би можело да ве интересира

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Плаќаме 33% поскап дизел, а се уште возимe најевтино на Балканот: Кои се цените на горивата во регионот

Орце Костов

Невреме доаѓа во Македонија – Црвен метео аларм на Балкан, поплави, ризик од торнадо, противградни ракети нема да помогнат

Драматично предупредување на словенечки метеоролог: На Балканот стигнува нова суперклеточна бура

Катерина Ѓуровски