Според албанскиот Институт за статистика – ИНСТАТ, во јануари годинава бројот на населението во Албанија изнесува 2.845.955 лица, што е намалување за 0,6 отсто или 16.500 лица во однос на претходната година.
Истиот извор наведува дека емигрирањето на мажите и жените е главниот фактор за падот на бројот на населението.
– Минатата година дури 24.000 албански граѓани избрале да не се вратат назад откако ја напуштиле државата, и тоа 12.000 мажи и 11.000 жени . Најголем број мажи, кои одлучиле да останат во земјата каде што заминале, е забележан во 2017 година дури 19.500, додека истата година во Албанија се вратиле 4.628 жени повеќе отколку што излегле од државата, се наведува во извештајот на ИНСТАТ.
Официјалните статистички податоци потврдуваат дека кај мажите се забележува поголема стапка на морталитет, без разлика што последната старосна граница е над 84 години.
Минатата година забележан е и пад на наталитетот, кога се родени 28.561 бебиња, што е помалку за 373 или 1,3 отсто во однос на претходната година. Бројот на починати, пак, е 21.937 лица или 0,6 отсто повеќе во споредба со претходната година.
На 1 јануари 2020 година, просечната возраст на населението изнесувала 37,2 години од 36,7 колку што била на 1 јануари 2019 година.