Еврокомесарката за проширување Марта Кос на Бледскиот стратешки форум се осврна на смртта на Ратко Младиќ, неговото величење како воен злосторник и најавите од Србија за погреб со највисоки воени и државни почести.
Кос нагласи дека Младиќ е осуден воен злосторник кој издржувал доживотна казна затвор за геноцид и злосторства против човештвото во Сребреница.
„Величењето на Ратко Младиќ како воен злосторник е спротивно на темелните европски вредности и нема место во Европската Унија, ниту во земјите кои сакаат да станат членки на Унијата. Се надевам дека Владата во Белград е свесна што е во прашање“, изјави Кос пред новинарите на форумот.
Еврокомесарката најави дека Брисел внимателно ќе ја следи ситуацијата во Србија и порача дека односот кон случајот Младиќ ќе биде земен предвид при оценувањето на понатамошните случувања во земјата.
„Ова исто така ќе биде основа за начинот на кој ќе го проценуваме развојот на настаните“, рече Кос.
Министерот за правда на Србија, Ненад Вујиќ, претходно изјави дека Ратко Младиќ има право на сите воени и државни почести, но веднаш беше корегиран од претседателот Александар Вучиќ дека не е донесена никаква одлука.
Младиќ беше началник на Генералштабот на Војската на босанските Срби од 1992 до 1995 година. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг во 2017 година го осуди на доживотен затвор за геноцид и други злосторства, а пресудата беше потврдена во 2021 година.
