Австрискиот канцелар Себастијан Курц на денешната прес-конференција изјави дека при претседавањето на со Европскиот совет, Австрија ќе продолжи да се залага за европска перспектива на балканските земји.
– Европската идеја ќе биде комплетирана само со членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Државите од овој регион треба да имаат јасна перспектива за прием, изјави Курц.
Во исто време, австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе изјави дека не станува збор за прием на Турција во ЕУ. Штрахе оцени дека ЕУ треба да има партнерски односи со Турција, но мора јасно да каже дека не може да се водат преговори за членство.
Курц предупреди на опасноста од непредвидливи настани во следните шест месеци, наведувајќи ги тука трговскиот спор со САД, тензиите со Русија и мигрантската криза.
За преговорите со Велика Британија за нејзиното напуштање на Унијата, Курц оцени дека ЕУ треба да зборува со еден глас и не смее да ги казнува Британците за излегувањето од блокот.
Курц се заложи за продолжување на преговорите со Лондон и подолго од предвидениот рок во октомври, доколку со тоа се избегне опасноста да се воспостави цврста граница меѓу Република Ирска, која останува во ЕУ, и британската провинција Северна Ирска.