Кипар може да доведе до конфликт меѓу Русија и Турција

Од:

Идејата економската криза во Кипар да се санира со помош на кипарското богатство во нафта и природен гас може да предизвика тензии меѓу Турција и Русија, смета Булет Алириза од Центарот за стратегиски и меѓународни истражувања (ЦСИС) во Вашингтон.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Алириза предупредува дека до ова може да доведе идејата големиот долг на кипарските банки кон руски вложувачи да се санира со нудење специјални права на руски компании, како „Газпром“, за експлоатирање на неодамна откриеното богатство во нафта и природен гас во Средоземно Море.

– Кипарските Грци секако го нудат своето нафтено богатство, за кое ќе помине уште многу време пред да може да биде извадено на површината, искористено и пренесено до светските пазари. Прашање е како ова ќе се одрази на односите меѓу Турција и Русија. Турците рекоа дека ќе се одмаздат на која било компанија која соработува со Кипар на гасните резерви без договор и со нив. Прашање е дали тоа би можело да се однесува и на рускиот „Газпром“. Мислам дека се уште е рано да се каже дали Русите ќе прифатат некој ваков договор, изјави Булент Алириза, директор на проектот за Турција во ЦСИС.

Американските власти не коментираат многу за состојбата во Кипар. Белата куќа и Стејт департментот одговорите на прашањата за Кипар, кои зачестија изминатите денови, ги префрлаат кон Секретаријатот за финансии.

Стејт департментот немаше одговор на прашањето дали се очекува, по економската криза во Кипар, да се побараат построги правила против перењето пари во оваа островска дестинација, како и за тоа колку американски компании и граѓани се во категоријата на штедачи со повеќе од 100 илјади евра на Кипар, на кои им се заканува губење на дел или на целиот износ на влоговите. Ставот на САД е дека стабилна Европска Унија и стабилен Кипар се во интересот на САД.

Бен Бернанке, директорот на американските Федерални резерви, институцијата која функционира како централна банка на САД, оцени дека на економската драма во Кипар се уште не се гледа како на закана за американската економија.

– Има се уште неизвесности и тешкотии за Кипар. Во овој момент не гледаме сериозен ризик за американскиот финансиски систем или за американската економија од Кипар. Мислам дека ефектот не беше голем ниту врз пазарите, изјави Бернанке.

Американскиот секретаријат за финансии повика на одговорно и фер решение за кризата во Кипар и соопшти дека секретарот Џејк Лу разговарал со повеќе колеги од Европа од кои побарал решение кое ќе доведе до финансиска стабилност.

Би можело да ве интересира

Пресврт во истрагата за случајот со загинатиот Србин на Кипар

Србин загина на пешачки премин во Кипар, возачот не го видел пешакот

Горан Наумовски

Туристка била силувана од пет мажи во хотел во Кипар

Обезбедување на ноќен клуб уби турист од Велика Британија

Украинка била силувана и брутално убиена на Кипар

Поранешниот шеф на дипломатијата Христодулидис е новиот претседател на Кипар