Избори Србија 2022: Победа на Александар Вучиќ и влез на десничарските партии во парламентот

Од:

По завршување на вчерашните претседателски, парламентарни и изборите за град Белград и 12 други општини, граѓаните на Србија по втор пат му дадоа апсолутна доверба за претседателски мандат на Александар Вучиќ и доминација на неговата Српска напредна странка (СНС) во парламентот со освоени 121 мандати од можни 250 пратенички места. Гласањето на изборите покажа и дека партите кои според своите програми и политичкиот наратив се сметаат за десница, како Демократскта партија на Србија (ДСС) и ПОКС, потоа Двери и Заветници вкупно имаат освоено 37 пратеници, приближно исто како и опозициската Обединета Србија, јави дописиникот на МИА од Белград.

Затоа и самиот Вучиќ, по синоќешното прогласување на победата изјави:

-Влијанието на Украинската криза беше огромен и според резултатите на изборите Србија драматично се движи кон десницата. СНС има освоено нешто помалку гласови, за што ќе водиме сметка кога ќе се формира владата и нема да ја формираме со оние кои на неодговрен начин ја користеа ситуацијата и влијаеа на определбта на народот. Србија ќе мора да се определи како ќе оди во иднина и не чекаат тешки времиња, изјави Вучиќ.

Дилемата со кого Вучиќ ќе прави влада,можеби ќе дадат резултатите на изборите за градот Белград, каде опозициската колиција Обединета Србија, синоќа најави дека тие заедно со останатите опозициски коалиции како Мораме и Нада водат на Белградските избори. За разлика од нив, Ивица Дачиќ од Социјалистичката партија на Србија (СПС) изјави дека СНС со освоените гласови на СПС заедно може да владеат со Белград.

Здравко Понош, претседателскиот кандидат на опозициската коалиција Обединета Србија, по објавување на резултатите изјави дека овие избори претставуваат почеток на крајот на владеењето на Српската напредна странка и Александар Вучиќ.

-Најголемото достигнување на овие избори и нашето учество е што го скршивме стравот и народот излезе на гласање, кажа Понош.

Според официјалните резултатите на Републичката изборна комисија (РИК), врз основа на 90,71 отсто од обработеното гласачко тело, Александар Вучиќ освои најмногу гласови на изборите за претседател на Србија, 59,5 отсто, со што победи уште во првиот круг на изборите. Следуваат Здравко Понош со 17,5 отсто и Милош Јовановиќ со 5,8 отсто гласови, Бошко Обрадовиќ освоил 4,4 отсто, а Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски 4,3 отсто гласови.

Според резултатите на РИК врз основа на 87,67 отсто од обработеното гласачко тело, на предвремените парламентарни избори најмногу гласови освоила листата „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“, за која гласаа 43,4 отсто од избирачите.

На второ место се „Обединети за победа на Србија“ со 13,1 отсто, а на трето е СПС со 11,7 отсто.

Во парламентот влагаат и коалицијата Нада која освои 5,3 отсто, Мораме 4,3 отсто од гласови, Двери освоиле 3,9 отсто и Заветници 3,8 отсто.

Според Цесид и Ипсос на 90 отсто избројани гласови на парламентарните избори, најмногу гласови освои коалицијата на Српската напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ со 43, отсто или со 121 пратеник од 250 колку има српското собрание.

Втори се опозиската коалиција Обединета Србија која ја сочинуваат-Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Демократската партија (ДС) на Зоран Лутовац, Движењето на слободни граѓани (ПСГ) Павле Грбовиќ со освоени 12, 9 отсто гласови или 36 пратеници.

Трета коалиција по бројот на освоени гласови е партијата на Ивица Дачиќ, Социјалистичката партија на Србија со 11,4 отсто или со 32 пратеници.

Следи коалицијата Нада сочинета од фракција на Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС) и Демократската партија на Србија (ДСС) со освоени 5,2 отсто гласови или 15 пратеници.

Четврта е опозициската коалиција Мораме која ја сочинуваат „Да не го давиме Белград“, граѓанската платформа „Акција“ и Еколошкото востание на Александар Јовановиќ Чута, со освоени 4, 3 отсто гласови или 12 пратеници.

Цензусот од 3 отсто за парламентот го поминаа и десничарските Двери и Заветници, кои влагаат со по 11 пратеници во српското собрание.

Според проекциите на резултатите од изборите за советници на Градското собрание на Белград, што ги објави Црта врз основа на 96 отсто од обработени примероци, најмногу гласови освоила листата „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“, чиј кандидат за градоначалник е Александар Шапиќ, со 38,1 отсто од гласовите.

Опозициската листа „Владета Јанковиќ – Обединети за победа на Белград“ освоила 21,3 отсто од гласовите, а листата на коалицијата „Мораме – За подобар град“ освоила 10,8 отсто. Листата „Ивица Дачиќ – премиер на Србија, Тома Фила – градоначалник на Белград“ според податоците на Црта освоила 6,9 отсто од гласовите.

Според тие проекции, листата „Милош Јовановиќ – Надеж за Белград“ освоила 6,3 отсто од гласовите, Српската партија Заветници 3,5 отсто, а „Бошко Обрадовиќ – Двери/ПОКС“ 3,4 отсто.

Најголеми приговори за регуларност на изборите има за градот Белград, според што се проценува дека власта и опозицијата водат тесна битка за тоа кој ќе го освои Белград.

Вчерашните избори според Цесид и Ипсос на 95 отсто пребројани гласови покажа голема излезеност од 59,3 отсто од зашишаните 6.502.307 гласачи, а според РИК 58,54 отсто.

Прелиминарните резултати РИК ќе ги објави 24 часа по затворањето на гласачките места, во понеделник на 4 април во 20 часот.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Вучиќ: Притисокот врз малите земји е се поголем и позабележителен, ќе ја продолжиме борбата

Земјотрес во Србија

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Утврдено е дека Србија не е одговорна за наводниот геноцид во Сребреница