Истанбул го добива и петтиот премин преку Босфорот

Од:

Истанбул до крајот на годинава ќе го добие петтиот премин преку Босфор, а деновиве во мегалополисот со голема брзина се привршуваат последните градежни работи на тунелот „Аврасја“ („Евроазија“) кој треба да биде свечено пуштен во употреба на 25-ти декември. Со овој нов премин под теснецот Босфор времетраењето на патувањето меѓу европскиот и азискиот брег на градот на трасата со најгуст сообраќај, од 100 минути ќе биде смалено на 15 минути.

 

Тунелот започнува во европскиот дел на градот кај Јеникапија и завршува во Ѓозтепе во азискиот дел на градот. Инвестицијата вреди  1 милијарда 245 милиони 121 илјада и 188 американски долари и проектот ќе биде даден на концесија на градителот  во траење од  24 години и пет месеци.

 

Вкупната должина на целиот проект изнесува 14,6 километри од кои  5,4 километри припаѓаат на тунелот под морето. Делот од  5,4 километри кој припаѓа на двокатниот тунел е изграден со посебна технологија, а  должината на патиштата на двата краја од тунелот е 9,2 километри.  Тунелот е проектиран да издржи земјотрес од 9 степени и ќе биде отпорен на цунами.

 

Министерството за сообраќај, поморство и комуникации на Република Турција и Дирекцијата за инфраструктурни инвестиции го задолжија претпријатието „Аташ“ за проектирање, изградба и менаџирање  на тунелот „Аврасја“.  Проектот се наоѓа 1,8 километри јужно од подземната железница под Босфор – „Мармарај“, со проширување на приклучните патишта од 6 на 8 ленти и реновирање на старите сообраќајници на двата брега од градот ќе се обезбеди пофлуентен градски сообраќај  во метрополата.

 

Проектот со ова претставува еден од најзначајните инвестиции за решавање на сообраќајните проблеми на турската престолнина. Според предвидувањата, проектот кој ги опфаќа изградбата на тунелот и проширувањето на делниците ќе одигра голема улога во растоварувањето на сообраќајот во целина во метрополата, освен тоа што патувањето од 100 ќе се намали на 15 минути и ќе биде многу покомфорно,  други придобивки од проектот  се намалувањето на звучното и еколошко загадување. Во тунелот ќе има и непрекинат пристап на интернет и телефонска комуникација.

 

Изведувачи на работите на проектот се турската фирма „Јапи меркези“ и корејскиот конзорциум СК. Проектот „Тунел Аврасја“ се состои од три дела – европски дел, во кој се проширија постојните делници и беа изградени подземни премини, потоа двокатниот тунел преку преминот Босфор и делот на азискиот брег кој има две клучки  и надвозни премини за пешаци.

 

Тунелот е двокатен и се состои од по две ленти одредени за сообраќај на автомобили и минибуси, а ќе биде затворен за товарни возила и пешаци. Цената за премин на возилата ќе биде околу 4 долари за автомобили и 6 долари за минибуси. Најдлабоката точка под која се наоѓа тунелот е 106 метри под морската површина или  55 метра под морското дно, а неговата најблиска точка до морското дно е 27 метри.

 

Во изградбата на тунелот била употребена машина за отворање тунели дизајнирана специјално само за овој проект, која со притисок од 11 бари е втора машина во светот. Тунелот со пречник од 13,7 метри е петти по ред тунел по широчина во светот.

Престижното светско списание од областа на градежништвото Енџиниринг Њус Репорт (Engineering News Report) во категоријата „тунели и мостови“ го прогласи тунелот „Аврасја“ за  „најдобар проект во 2016 година на светско ниво“.

 

На 8-ми октомври годинава претседателот на државата Реџеп Таип Ердоан во придружба на премиерот на Турција Бинали Јилдирим  и министерот за сообраќај, поморство и комуникации Ахмет Арслан, со службено возило прв го помина  тунелот по што изјави „Денес го направивме последниот тест на уште еден историски проект на Турција“.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) По експлозијата во ноќен клуб во Истанбул, се зголемува бројот на загинатите

Горан Наумовски

Убиен актер: Претепан до смрт во Истанбул

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пукање во Истанбул, шестмина повредени: напаѓачите се убиени

Катерина Ѓуровски

Истанбул: Уапсен е експерт за бомби на ИСИС

ВИДЕО: Во Истанбул собир за поддршка на Хамас

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Истанбул: Пожар го зафати покривот на Капали чаршија