Ова не е одмор, порача професорот епидемиолог Сотирис Циодрас надлежен за коронавирусот во Министерството за здравство на Грција, по информациите дека на патарините за излез од Атина, но и од Солун, денеска имало редици возила со граѓани кои ги напуштаат големите градови, јави дописничката на МИА од Атина.
Циодрас рече дека „не може улиците да се полни со автомобили со луѓе кои одат на екскурзија, а при тоа без да знаат дали се носители на вирусот“, а како пример спомена дека на еден грчки остров регистриран е случај на коронавирусот од контакт дојден од Атина.
-Ве молам, најмалку што можете да направите е да не стапите во контакт со никој од локалното население онаму каде што патувате, туку да останете дома, порача професорот и истакна дека ваквите однесување ги поткопуваат сите напори и ја зголемуваат опасноста за ширење на вирусот и во делови од земјата каде што не е регистриран случај.
На истата тема се осврна и портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас во неговата изјава за медиумите, но и заменик- министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас.
Пецас рече дека оние кои решиле да патуваат кон нивните села или во викендичките, особено по препораките да останат дома, си се ставаат и самите себе во опасност.
-Треба сите да сфатиме дека можеби сме заразени со вирусот, дури и ако немаме симптоми. И во меѓувреме, да го шириме вирусот низ локалното население низ цела Грција. Секој што одбрал да избега во своето село, мора да се однесува како веќе да го има вирусот, да избегнува било каков контакт и по секоја цена да остане дома, рече Пецас.
Заменик – министерот за цивилна заштита на Грција, објави нови дополнителни превентивни мерки, меѓу кои и забрана за пловидба на приватни јахти, нови правила за пазарите и супермаркетите.
Почнувајќи од утре наутро забранета е пловидба на приватни јахти на целата територија на земјата, а за оние кои што се вон пристаништата, до сабота на полноќ треба да се закотват.
Сите мобилни пазари во Грција утре ќе бидат затворени, а од понеделник за 50% ќе биде намален бројот на производители, а тезгите ќе треба да бидат на растојание од пет метри.
Во супермаркети, од понеделник, бројот на потроѓувачи треба да биде еден на 15 метри квадратни, а не на десет како што беше до сега.
Хардаљас повтори дека забранети се собири на десет или повеќе лица, а за прекршувачите предвидени се казни од 1000 евра по лице и по случај.
-За време на викендот ќе има силно присуство на полиција во паркови, на големи плоштади, простори каде што се забележува собири на луѓе, со цел да се почитува горенаведеното правило. Не е дозволено ниту пикник, ниту спортување на тимови. Повторуваме дека движењето надвор од домовите треба да се ограничи на минимум, рече Хардаљас.