Франција и Германија очекуваат наскоро да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина, а францускиот претседател Емануел Макрон, заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, и натаму се подготвени да бидат домаќини на самит во Париз, објави француската амбасада во Приштина на Твитер.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ниту ги потврди, ниту ги демантираше информациите дека е можно во Париз на 17 јули да се одржи состанок за Косово, но тој очекува политичкиот дијалог наскоро да продолжи во Брисел.
Специјалниот американски пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, денес го одложи состанокот во Белата куќа, претходно закажан за в сабота, откако косовскиот премиер Авдулах Хоти го извести дека не доаѓа на средбата. Хоти изјави дека не е подготвен да учествува во разговорите поради хашкото обвинение за воени злосторства против Хашим Тачи и други команданти на поранешната ОВК, објавено вчера.
Косовскиот претседател Хашим Тачи синоќа го откажа патувањето за Вашингтон, откако Специјалниот суд за воени злосторства на ОВК во Косово ги објави содржините на предлог обвиненијата, во кои се вклучени тој, претседателот на Демократската партија, Кадри Весели и неколку други поранешни припадници на ОВК.