Поројните дождови во Југоисточна Европа на 14 и 15 мај, во Србија и Босна и Херцеговина предизвикаа катастрофални поплави од невидени размери. Но за жал, оваа елементарна непогода предизвика несакани последици, однесе и човечки животи, причини големи материјални штети по инфраструктурата, додека илјадници луѓе се евакуирани од поплавените места, вели проф. Владо Спиридонов.
Поплавите, како што посочува, во најголема мера се предизвикани од формирањето на висински вонтропски супер Циклон „Ивет“ (име добиено според Американската листа), кој е прикажан на сателитската снимка од МОДИС (НАСА).
– Овој бавно движечки-силно изразен вртложен облачен систем со низок воздушен притисок во центарот речиси два дена се манифестираше во Југоисточна Европа, носејќи големи количества на влага од Средоземното Море и предизвикувајќи поројни дождови и поплави од пошироки размери со трансгранични ефекти, како што не се забележани до сега. Најинтензивните врнежи, во просек 100-200 мм со локални количини до 300 мм се регистрирани во Босна и Херцеговина, источно во Србија и на југот во Романија, вели Спиридонов.
Дефинитивно, како што додава тој, не само тропските циклони, (Урагани, Тајфуни, тропски бури) кои се формираат во тропските региони на земјината топка (Мексикански залив, Филипни, Југосточна Азија, Индонезија, Малезија, Тајланд, Индија и други области), но и вонтропските циклони кои се формираат во умерените-географски ширини можат да бидат изразито интензивни и да имаат деструктивен карактер и катастрофални влијанија по луѓето и материјалните добра.
Секако би требало да напоменеме, посочува Спиридонов, дека појдовни услови за настанување на овие поплави од катастрофални размери, помеѓу другото треба да се бараат во процесите кои предходеа, т.е. појавата на влажните процеси во атмосферата во текот на април и мај, 2014 во поголем дел од Југоисточна Европа, проследени со чести врнежи и постепеното зголемување на површинските и подземните води и водостојот на реките и сливните подрачја, како и топењето на снегот во одделни планински области кои дополнително придонесоа за зголемување на водите ресурси во регионот во целост.
Според него, она што има уште подлабока основа, и е индиректно поврзано со овие катастрофални временски состојби е прашањето околу климатските промени и се позачестената појава на атмосферски екстремности.
– Каков е нашиот однос кон природната животна средина – таква е нејзината повратна реакција. Значи, навистина се случува она што научната заедница веќе со години предупредува. Атмосферските и хидролошките екстреми престануваат да бидат исклучок. Се позачестената појава екстремни појави (интензивни циклони, бури, поплави, суши, пожари, екстремни температури, оркански ветрови). Секако, ова е вистински момент кога мора да се укаже на потребата од итна адаптација, вклучувајки ја поддршката на хидрометеоролошките служби, истакнува Спиридонов.