Дармановиќ: Со историскиот договор меѓу Скопје и Атина се решава спор што беше товар за цел Западен Балкан

Од:

Претставниците на земјите од Западен Балкан на панелот на Бледскиот стратешки форум се согласија дека историскиот договор меѓу Атина и Скопје дава нов поттик на тие земји на патот кон евроатланските интеграции.

Дискусијата под наслов „Западен Балкан: изгубени години или нова надеж?” се одржа на вториот, последен ден од Бледскиот стратешки форум, на кој присуствуваа повеќе од илјада гости од шеесет земји.

– Веруваме дека во 2018 година дојде до значителен напредок во регионот. Не смееме да го увеличуваме, но ни да го потценуваме, изјави црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ.

– Договорот за името на Македонија, кој го постигнаа Атина и Скопје и на тој начин на земјата и го отворија досега блокираниот пат кон Европската унија и НАТО е историски настан, оцени црногорскиот министер.

– Двете влади покажаа политичка храброст и визија со решавањето на долготрајното прашање, што беше товар за сите во регионот, а не само ним, рече Дармановиќ.

Тој истакна дека секоја земја која ќе се приклучи на евроатлантските интеграции ја зајакнува благосостојбата и безбедноста на Западен Балкан, но предупреди дека ЕУ треба посилно да ги охрабрува тие земји да работат на својот пат кон членство.

– Во земјите од Западен Балкан не постои држава каде евроскептични партии се во мнозинство. Мораме да го искористиме моментот, заклучи шефот на црногорската дипломатија и додаде дека тој смета оти Црна Гора може да стане членка на ЕУ и пред 2025 година.

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Теренс Спенсес Николаос Квик изјави дека Грција е голем поборник за евроатлантскиот пат на Западен Балкан и оти како најстара членка на ЕУ и НАТО, во таа смисла, ќе застане цврсто зад западнобалканските земји.

Квик рече дека договорот меѓу Атина и Скопје потврдил дека „кога постои волја, постои и начин“. Тој истакна дека договорот е добар пример за држави кои успеале да решат тешки прашања, и дека договорот сигурно ќе биде ратификуван во Грција ако помине на референдумот и ако за него гласаат две третини во македонскиот Парламент.

Заменикот-министер за надворешни работи на Македонија Андреј Жерновски потсети дека Скопје годинава потпиша и исклучително важен Договор за пријателство со Бугарија.

– Пет месеци подоцна, трговската размена меѓу двете земји се зголеми за 12 отсто, а туристичката за 10 отсто, потенцираше Жерновски.

Покрај тоа, Бугарија и Грција на самитот на ЕУ побараа Македонија да влезе во Унијата што е можно поскоро, што беше незамисливо пред една година, потсети Жерновски.

Потпретседателот и поранешен министер за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, се согласи дека договорот меѓу Македонија и Грција даде нов импулс во регионот, бидејќи во спротивно „ако една земја не успее, тоа им се случува на сите.”

Би можело да ве интересира

Кој ќе добие над 50.000 евра мора да е јавно објавен – Одобрени шест милијарди евра за Западен Балкан

Анита Петровска Рајковиќ

Анкета на ИРИ: 43 отсто од Србите, 27 отсто од Македонците и 25 отсто од Црногорците го обвинуваат Западот за војната меѓу Русија и Украина.

Предраг Петровиќ

Усвоена заедничка изјава на лидерите на Западен Балкан на Конференцијата на високо ниво „Раст и конвергенција на Западен Балкан”

Џафери на Конференцијата во Тирана: Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар се клучни за забрзано членство во ЕУ

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

О’Брајaн: Граѓаните ќе имаат јасен избор во претстојните месеци, помеѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго