Бледски форум: Пристапниот процес треба да биде предвидлив

Од:

Пристапниот процес треба да биде предвидлив и појасен, побараа денеска во Блед министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.

На панел дискусијата за проширување на Европска унија на Западен Балкан, шефовите на дипломатијата посочија дека процесот предлого трае и оти поради тоа може да се изгуби поттикот за реформи.

– На Македонија може да се научи лекцијата што не треба да му се прави на Западен Балкан. Потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година, станавме кандидат пред 12 години и сите успеси од тогаш се игнорирани поради политичкиот проблем со една земја-членка на ЕУ. Потоа дојде до запирање на реформите и ескалација во која граѓаните влегоа во Собранието. Тоа е тоа што може да и се случи на една земја кога нема перспектива, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Тој нагласи дека Македонија е и пример што ќе се случи кога ќе се „омекне“ извештајот за напредокот на државата, кога нема доволно искреност и еволуција на состојбата, како и кога една земја ќе ги запре реформите.

– Македонија отсекогаш е на вистинската страна во историјата, а во последните три години успеавме само да направиме хаос. Затоа апелирам земјите-кандидати за ЕУ, реформите да ги сфатат сериозно, а пак земјите-членки кон проширувањето да гледаат сериозно, истакна Димитров.

Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати изјави дека ЕУ има транформативно влијание на регионот и земјите.

– Денес гледаме многу помирна атмосфера отколку пред 10, 15 години и тоа благодарение на европската перспектива, но и соработката со САД и ЕУ и улогата на тие два стратешки партнери во регионот, посочи Бушати.

Тој истакна дека е загрижен поради непредвидливоста на процесот и оти истиот мора да биде предвидлив.

– Како и студентите, ако имате датум добро се подготвувате за него. Спогодбата за стабилизација и асоцијација ја потпишавме во 2006 година. И тогаш ако ме прашавте дали Албанија може да стане членка, би кажал за 10 години, а сега, 11 години потоа, би го повторил истиот одговор, рече Бушати.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ посочи дека ЕУ сега се наоѓа во многу полоша стуација од пред неколку години, кога претседателот на Европска комисија, Жан Клод Јункер изјави дека нема да има проширување на Унијата до 2020 година, но во меѓувреме се случи Брегзит, победа на Доналд Трамп, мигранстка криза и тероризам.

– Мислам дека на ЕУ во овој момент и е потребен позитивен поен. А, каде тоа ќе го оствари, што позитивно може да направи ЕУ и каде воопшто може да има позитивен поен, мислам единствено овде во нашиот регион, наведе Дачиќ.

Тој додаде дека „за ЕУ е важно процесот на проширување да продолжи“.

Додека министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црндак потврди дека ЕУ за неговата земја има трансформативен ефект и укажа на големите очекувања од европската перспектива и иднина.

Тој додаде дека на регионот и се потребни прецизни и конкретни пораки од европските партнери.

– ЕУ треба да посвети поголемо внимание со цел да ни помогне во изградбата на силни, независни институции. Тоа побрзо би ја вратило довербата во институциите и би ни донело некој вид позитивна перспектива. Би било добро ако би добиле некој вид јасен став од ЕУ, поврзан со обврските на секоја земја по системот „ако биде тоа, во тоа време ќе добиете тоа, потенцира Црндак.

Шефот на црногорската дипломатија, Срѓан Дармановиќ наведе дека Подгорица верува во ЕУ и затоа вредно работи на остварување на таа цел.

– Веруваме дека на ЕУ и требаме толку колку што таа ни треба нас, бидејќи на овој регион и требаат дополнителни извори на стабилност, како за економски, така и за демократски развој, а тоа е ЕУ, посочи Дармановиќ.

Тој додаде дека земјите од регионот не сакаат Берлинскиот процес да биде замена за процесот за проширување на ЕУ.

– Сакаме „регата принцип“, секоја земја да биде евалуирана врз основа на својот успех. Веруваме дека успехот на секоја земја ќе биде успех на целиот регион, наведе црногорскиот министер за надворешни работи.

Тој истакна дека ЕУ мора да му покаже на регионот дека проширувањето е сериозен процес, а не само некој збор.

– Ние мораме да ја сработиме нашата работа, но и ЕУ мора да покаже дека е целосно приврзана на проширувањето, дека тоа е најдобар одговор во дебата за иднината на Унијата. ЕУ нема да биде целосна без апсорција на Балканот, потенцира Дармановиќ.

Заменик министерот за надворешни работи на Косово, Валон Муртезај нагласи дека Приштина ги дели вредностите на ЕУ и европското семејство и оти европскиот процес е поголем поттик од пречките кои се на тој пат.

Тој додаде дека процесот предолго трае, посебно ако се имаат во предвид глобалните предизвици со кои се соочува светот.

Шефицата на хрватската дипломатија Марија Пејчиновиќ Буриќ, како претставничка на земја членка на Унијата, истакна дека ако пристапниот процес нема трансформативен ефект тогаш нешто погрешно се случува.

– Тоа може да биде на двете страни – ако кандидатите не прават доволно за исполнувањето на своите задачи или ако ЕУ не поставила добар систем за надзор, истакна Пејчиновиќ Буриќ.

Би можело да ве интересира

Се урна мал авион во Словенија, најмалку тројца загинати

Горан Наумовски

Стигна студениот бран во Словенија и Хрватска, падна и снег

ВИДЕО: Силно невреме ја парализираше Словенија

Лизгање на земјиште затрупа неколку куќи во Словенија

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Невремето од Словенија ја зафати Хрватска: Силните налети на ветер уриваа покриви и дрвја

Италијански полицајци бркале Романци низ цела Словенија