Покрај зголемувањето на емиграцијата, Албанија е погодена и од намалениот прираст на населението, при што сè повеќе се приближува бројот на новородени со оној на починати лица.
Според Институтот за статистика ИНСТАТ, поради намалениот природен прираст и високата емиграција, популацијата лани, споредено со претходната година, се намалила за 16.500.
„Населението во Албанија на 1 јануари 2020 година е 2.845.955 жители, што е намалување за 0,6 отсто во однос на 1 јануари 2019 година. Лани , природниот пораст на населението е 6.624 жители, што претставува пад од 7,1 отсто споредено со претходната година, наведува агенцијата Балкан веб.
Според истиот извор, во текот на 2019 година, во Албанија се родени 28.561 деца, што е помалку за 1,3 отсто во однос на претходната година. Бројот на починати, пак, е 21.937 лица или 0,6 отсто повеќе споредено со претходната година.
„Популацијата во Албанија старее. На 1 јануари 2020 година, просечната возраст на населението беше 37,2 години од 36,7 колку што беше на 1 јануари 2019 година,“ констатира агенцијата.
Официјалната статистика потврдува дека емиграцијата не стивнува. Во текот на минатата година околу 44.000 албански граѓани ја напуштиле земјата, што е највисоко ниво на емиграција од 2014 година. Околу 20.700 емигранти се вратиле во државата, што е најниско ниво од 2010 година, од кога ИНСТАТ почна да објавува такви податоци.
„Како последица на тоа, нето миграцијата, односно разликата меѓу оние што заминуваат и оние што се враќаат, минатата година е околу 23.000, што е највисоко ниво од 2011 година,од кога институтот почна да прави споредба, наведува агенцијата Балкан веб.
Од 2016 година, се забележува зголемување на тенденцијата „да се побегне“ од земјата, кога се враќа вториот бран на емиграција во земјата, иако е на пониско ниво во однос на 1990-2000 година.
Во периодот 2011-2019 година земјата ја напуштиле околу 400.000 лица, а во истиот период, во Албанија се вратиле 236.000 нејзини граѓани.