Албанскиот Парламент, на вонредна седница доцна попладнево ги изгласа уредбите на претседателот Илир Мета за смени во кабинетот на премиерот Еди Рама.
Со 95 гласа „за“ разрешен е Еди Рама од министер за Европа и надворешни работи, а на таа функција со 94 гласови „за“ е избрана Олта Џачка (42). Со исто толку гласови Нико Пелеши (51) е избран за министер за одбрана, функција која досега ја извршуваше Џачка.
Со ова, од денеска Рама повеќе не е шеф на дипломатијата на која сам се постави во средината на јануари 2019 година, откако шефот на државата не се согласи да ја потпише уредбата на таа функција да биде Гент Цакај, на местото на Дитмир Бушати. Цакај потоа беше овластен министер.
„Цакај во владиниот кабинет во јануари дојде заедно со Беса Шахини, како министерка за образование, на местото на Линдита Никола. Двајцата беа експеримент на Рама, кој првпат назначи двајца министри кои доаѓаат од Косово. Шанини замина од владата во септември, а Цакај на крајот од декември“, наведува телевизијата Топ Чанел.
Вонредната седница на албанскиот Парламент беше свикана по барање на Рама, во чиј кабинет ова е последователна промена.
Во средината на ноември, нов министер за внатрешни работи стана Бледи Чучи, по оставката на Сандер Лешај, по масовните протести во земјата, по убиството на 25-годишниот Клодијан Раша од страна на полициски специјалец. На негово место во Министерството за земјоделство и рурален развој, Рама ја назначи Милва Економи.