По информацијата дека Албанија преку емисија на евробврзници се задолжи за 500 милиони евра и изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека тоа претставува успех, експресно реагираше албанската опозициска Демократска партија.
Пратеничката на демократите Јолинда Табаку ставот на партијата го изнесе во објава на Фејсбук, оценувајќи дека не станува збор за никаков успех, туку за уште „едно големо задолжување за исплаќање на направените долгови од кои албанските граѓани не видле никаква корист“.
– Без ниру една инвестиција, без патишта, без училишта, без болници, со даноци зголемени за четири милијарди, (Рама) повторно се задолжува за да врати долг. Се задолжува за да ги отплати долговите што ги зеде пред четири години, а ги ги искористи за луксуз и патувања, базени и палми, напиша Табаку.
Таа направи и споредба со Македонија, нагласувајќи дека земјава се задолжила со многу пониска каматна стапка.
– Македонија во јануари се задолжи со евробврзница со камата од 2,75 проценти, а Албанија денеска со 3,55 проценти. Со скриен долг кој изнесува 80 отсто од БДП, со економија заробена од монополи, иднината на граѓаните е мрачна, кои според ИНСТАТ преживуваат со 600 леки дневно (околу пет евра)! Економијата се ослободува кога монополите ги нема, кога буџетот не е поделен како грабеж, кога на пазарот им се дава можност на сите. Економијата се ослободува со рамен данок и дерегулација за малиот бизнис, она што го нуди Демократската партија, наведува Табаку.
Албанската Влада денеска преку еврообврзница на меѓународниот пазар ја задолжи државата со 500 милиони евра, што според премиерот Рама, претставува успех и потврда дека на Албанија се гледа како на една сигурна инвестиција, благодарение на трансформациските реформи.