Албанскиот министер за внатрешни работи, Сандер Леши, ги предупреди сопствениците на спортски обложувалници кои нема да се придржуваат на одлуката на Владата за нивно затворање, дека од први јануари секоја од нив ќе се третира како парцела со марихуана.
Тој ова го порача од средбата со првите луѓе на полициските комесаријати, на која, побара максимално ангажирање на полицијата околу ова прашање.
– Од први јануари на територијата на нашата земја се забрануваат активностите на сите видови на игри на среќа. Се забранува и аудиовизулно рекламирање. Од голема важност е фактот што државната полиција е директно вклучена во спроведување на законот. Од 1 јануари 2019 година, сите простории каде што коцкањето се одвива отворено или скришно, ќе се третираат како парцела засадена со канабис,-предупреди Леши.
На средбата полициските раководители го информирале за до сега превземени мерки и активности. Според нив поголем дел од сопствениците веќе ги затвориле обложувалнците.
Со одлука на Владата од од први јануари 2019 година се затвораат сите спортски обложувалници во Албанија, сите електронски казина, кои сега ги има низ главните улици во градовите во Албанија. Казината ќе бидат достапни само во хотели низ земјата со пет ѕвездички, кои се наоѓаат надвор од урбаните области.
– Со новата година ќе „умрат казината, обложувалниците, како и онлајн обложувањата“ напиша албанскиот премиер, Еди Рама, во средината на октомври кога беше донесена одлуката.
Инаку, во текот на 2017 година албанските граѓани потрошиле над 130 милиони евра во казина, спортски обложувалници и лотарии. Гледано по глава на жител, произлегува дека на игрите на среќа албанските граѓани годишно трошат по 46 евра, што е многу повисок износ споредено со земјите во регионот.