По неколкумесечно тестирање на сервисот Outlook.com, компанијата „Мајкрософт“ го отвори новиот вебмејл сервис за јавноста, што значи дека згаснува брендот Hotmail.
Секако, сите досегашни корисници на Хотмејл ќе можат да ги задржат своите постоечки адреси.
– Ова не беше лесна одлука. Не познавам друга компанија со толкав број на корисници која одлучила да го смени името на брендот. Меѓутоа, ова е нешто ново, можност да се подготвуваме за иднината, изјави Дармеш Мехта, директор задолжен за менаџмент производите.
Outlook.com има целосно поинаков изглед и навигација од Хотмејлот. Новиот сервис ќе им овозможи на корисниците полесна интеграција на сервисите, како што се Фејсбук, Линкедин и Твитер.
Хотмејл првпат е претставен во 1996 година и стана една од најстарите дот-ком приказни кога го купи „Мајкрософт“ во 1998 година за 400 милиони долари.
Иако Хотмејлот до некаде падна во сенка на Gmail според бројот на корисници, тој и понатаму е голем сервис со 300 милиони корисници.
„Мајкрософт“ моментално минува низ историски период, претставувајќи ги новите верзии на речиси секој производ кој го има во понудата.
Компанијата минатата есен го претстави новиот оперативен систем Виндоуз 8, а се подготвуваше и за влез на пазарот на мобилни апарати и екрани чувствителни на допир. потоа следуваа Виндоуз фон 8 и Сурфејс, првиот таблет на компанијата.