Главниот град на Австрија, Виена деновиве е во знак на претстојните велигденски празници и на повеќе плоштади се отворени велигденски базари, кои ги привлекуваат не само Австријците туку и голем број туристи.
Согласно традицијата на повеќе градски плоштади, но и пред дворецот Шенбрун се наоѓаат велигденски базари, кои ќе бидат отворени до 6 април. Во срцето на градот умтеници и занаетчии од сите делови на Австрија ги претставуваат своите рачни изработки, кои често пати ги прават на лице место.
Освен интересните ракотворби се нудат и велигденски пецива, разновиден накит и бојадисани јајца. На посетителите им се нудат различни чоколадни слатки, најчество во форма на велигденско зајче. На штандовите се нудат и велигденски јајца од сите материјали, од вистински, дрвени, до керамички, како и рачно изработени украси.
На плоштадот Фрајунг велигденскиот базар е украсен и со едно џиновско јајце од два метри, кое е поставено на средината на базарот, на кој посетителите имаат можност да купат различни украсени јајца.
Децата исто така имаат можност на овој базар самите да бојадисуваат јајаца. Организаторите очекуваат дека велигденскиот базар само на плоштадот Фрајунг ќе биде посетен од 40 илјади лица.