Американски научници развија уред кој со следење на движењата на очите овозможува дијагноза на мозочен удар, објави стручното списание „Строук“ (Stroke).
Уред сличен на очила, а дијагнозата на мозочен удар може да се постави за помалку од една минута, појаснуваат истражувачите од „Џон Хопкинс Хоспитал“ во Балтимор.
Откако уредот ќе се спои со веб камера опремена со посебна компјутерска програма, лекар со помош на едноставна постапка може да утврди дали пациентот доживеал мозочен удар.
Во тестирањето во кое биле вклучени 12 испитаници, новиот уред имал стопроцентна точност.
Се проценува дека во САД секоја година погрешно се дијагностицираат 100.000 случаи на мозочен удар, што резултира со смрт или инвалидитет кај 30.000 пациенти.
Брза и точна дијагноза е пресудна за успешно лекување, а т.н. златен стандард е преглед со уред за магнетна резонанца што може да трае и шест часа.