До крајот на 2014 година во светот ќе има околу три милијарди корисници на Интернет, додека бројот на претплатници на мобилен интернет ќе достигне 2,3 милијарди, покажуваат податоците на Меѓународната унија за телекомуникации (ИТУ).
Во однос на фиксната телефонија, се проценува дека до крајот на годината ќе има 100 милиони претплатници помалку. Додека, до крајот на годината се очекува бројот на претплатници во мобилната телефонија да достигне седум милијарди, од кои 3,6 милијарди ќе бидат во азиско-пацифичкиот регион.
Растот во најголем дел се должи на земјите во развој, каде мобилните корисници претставуваат 78 отсто од глобалната бројка. Според податоците, стапката на раст достигнува најниско ниво, од само 2,6 отсто на глобално ниво, што покажува дека пазарот се приближува до степен на заситеност.
Забавување на растот е регистриран и во сегментот на фиксниот интернет, што до крајот на годината ќе изнесува 10 отсто на глобално ниво. Околу 44 проценти од сите претплатници се во азиско-пацифичкиот регион, 25 отсто во Европа, додека Африка е се помалку од 0,5 проценти, наспроти двојно зголемениот раст во последните четири години.
Според податоците на ИТУ бројот на корисници на мобилен интернет на глобално ниво до крајот на 2014 година ќе достиген 2,3 милијарди.
Глобално достапноста на мобилниот интернет ќе изнесува 32 отсто до крајот на годината, од кои во развиените земји 84 проценти, додека во земјите во развој 21 отсто.