Новото истражување кое го изврши производителот на процесори „Интел“ открива дека за една минута на интернет се испраќаат повеќе од 204 милиони мејлови, се преземаат 47.000 апликации, на пазарење на Амазон се трошат 83.000 долари, се отвараат околу 20 милиони фотографии и шест милиони профили на Фејсбук и се гледаат 1,3 милиони видео снимки на Јутјуб.
Неверојатните бројки покажуваат колку всушност човештвото е активно на интернет.
– Компјутерите се трансформирале и влегле во животите на огромен број луѓе. Најголемо влијание на количеството преносливи податоци имаат мобилните телефони, објаснува Кристал Темпл од „Интел“.
Студијата, исто така, проучувала и каква е иднината на размената на информации.
Имено, се предвидува дека до 2015 година бројот на апарати ќе биде двојно поголем во однос на бројот на луѓето во светот. Тоа значи дека ќе ни требаат пет години за да ги видиме само видео снимките кои корисниците од цел свет ги отвораат за една секунда.
„Интел“ паралелно со резултатите од истражувањето, соопшти и дека работи на нова мрежна опрема која треба да овозможи адекватно следење на развојот на сообраќајот.