Семинар и предавања ќе понуди Шестото државно првенство на бармени на Македонија кое ќе се одржи од 25 до 27 април во Скопје.
Барменот на годината за 2009 во Романија Маријан Кукунешоски, ќе одржи предавање на тема „Creative & Tiki Coctails“. На 27 април, пак, ќе се одржи семинар насловен „Style of bartending“, со гостинот предавач Васко Лалиќ еден од најдобрите на германската бар сцена.
Според агендата, натпреварувачкиот дел на првенството, кое ќе се случува во Метрополис Арена во рамките на Меѓународниот саем за туризам, ќе почне на 25 април во 11 часот со квалификации, а финалето во класична подготовка и флертендинг е предвидено во 16 часот, истиот ден.
Победникот од првенството, кое е во организација на Здружението на бармени на Македонија патува на меѓународниот натпревар “World Coctail and Flair Tending Competition“ во Прага, Чешка Република.
Според Здружението на бармени, менаџерите на кафе-баровите се повеќе покажуваат интерес за коктел-мајсторите, а агенциите за посредување за работа во странство во сегментот угостителство, потврдуваат дека оваа професија е виза за подобар почетен статус. Со своето делување, сметаат од Здружението, го подигнале нивото на угостителството во државата.
Здружението на бармени на Македонија како непрофитна и невладина организација постои од 2005 година, а од 2007 е полноправен член на Меѓународната асоцијација на бармени (International Bartender Association – IBA).