Јужнокорејскиот производител на електронска опрема Самсунг најави дека планира од идната година да го намали бројот на смартфон модели, пренесува „Волстрит џурнал“.
Компанијата на тој начин планира да ги намали трошоците и да избегне пад на профитот.
Според шефот на одделот за односи со инвеститори Роберт Јиа, Самсунг планира на пазарот да претстави 25 до 30 проценти помалку модели.
Сепак, компанијата не објави за кои точно модели станува збор.
Самсунг кон крајот на октомври објави дека неговиот нето профит во третото тримесечје на 2014 година е намален за 48,8 проценти на четири милијарди долари. Приходите од продажба во истиот период се намалени за 20,65 отсто, на 45,2 милијарди долари. Оперативниот профит во периодот јули-септември е 3,8 милијарди долари, што е 60 проценти помалку во однос на претходната година.