Џесика Воли колабираше на работното место и почина. Пријателите и колегите се во шок. Оваа девојка имаше 25 години. Позната е како поранешна мисица, а по учеството на натпревар за убавина се посвети на нова работа.
Поранешната мисица и вљубеник во коњичките спортови работеше како менаџер во шталата „Manor House“ во сопственост на поранешната ѕвезда на Ливерпул, Мајкл Овен.
Овен и неговиот персонал се изненадени од смртта на Џесика Воли, која, според сведоците, се онесвестила на работа.
„Толку млада, без здравствени проблеми. Животот е навистина прекраток затоа што никогаш не знаеме колку време имаме. Моите мисли се со нејзиното семејство и пријателите“, напиша пријателката Џесика Мер на Фејсбук.
Полицијата соопшти дека смртта не се третира како сомнителна и дека најблиските на Џесика се известени.
Џесика Воли работела и за шеикот Хамдан бин Рашид Ал Мактум од Дубаи, кој поседува штали со чистокрвни коњи. Пред четири години таа ја претставуваше Британија на изборот за Мис туризам универзум во Бејрут, каде што се пласираше во првите 10 натпреварувачки, пишува Дејли Мејл.