Додека поранешниот германски фудбалски репрезентативец Лукас Подолски, кој со „Панцирите“ беше светски првак во 2014 година, ја привршува играчката кариера во Турција, тој полека го развива и својот угостителски бизнис.
Тој веќе неколку години го развива синџирот локали во кои доминира турската брза храна – ќебапи и донер, со намера целосно да се посвети на угостителството, откако ќе ги закачи копачките на клин.
„Тоа го почнав уште кога играв за Галатасарај. Имам комшија Турчин и се здружив со него. Отпрвин започнавме со достава, а сега имаме единаесет такви локали во Келн и околината,“ вели Подолски.
Напаѓачот, кој е роден во Полска, но рано се преселил во Германија, а голем дел од животот помина во Келн, одлучил да живее во овој град и по завршувањето на кариерата, а бизнисот, кој сега е развиен, му бил доволна причина да не се сели во поголемите центри како Берлин или Минхен или да оди во странство.
„Имам и две слаткарници во Келн, а пред се сум задоволен од ќебапите и сладоледот. Иако играм фудбал, секојдневно сум вклучен во тие работи,“ вели Подолски.
Сјајниот напаѓач има 35 години и во моментов игра за Анталијаспор во турското првенство. Тој беше и член на Келн, Баерн, Арсенал, Интер, Галатасарај, како и на јапонскиот тим Висел Кобе, каде настапуваше три сезони.