Почина продуцентот Бранко Лустиг

Од:

Истакнатиот филмски продуцент и единствениот хрватски двоен оскаровец, Бранко Лустиг почина утрово на 88 години во Загреб.

Освен Оскарите за филмовите „Шиндлеровата листа“ и „Гладијатор“, Лустиг е добитник неколку други значајни меѓународни признанија, како што е француското Одличие на Витезите од редот на уметноста и книжевноста.

Исто така, тој се најде меѓу 50-те најдобри светски филмски продуценти на сите времиња, како 29-ти на списокот на списанието „Дејли бист“. Инаку, тој е Евреин по потекло.

– Мојот број е А3317. Далечен е патот од Аушвиц до оваа сцена. Умирајќи, другите ми оставија во аманет – ако преживеам, да прераскажам што и како било, истакна Лустиг меѓу другото примајќи го „Оскарот“ за продуцент 1993 година за филмот „Шиндлеровата листа“.

Продуцентот роден во Осиек, Хрватска, поради еврејското потекло, во Втората светска војна бил испратен во злогласните концентрациони логори Аушвиц и Берген-Белсен. Повеќе негови поблиски роднини пак, завршиле во други логори ширум Европа. Неговата баба, на пример била убиена во гасна комора, а неговиот татко е убиен во Чаковец.

Самиот Бранко Лустиг бил многу млад, но успеал да ги преживее ужасите на логорот, а денот кога е ослободен, имал само 30 килограми. Тоа негово искуство е вметнато и во „Шиндлеровата листа“ на режисерот Стивен Спилберг.

Лустиг завршил глума 1955 година на Академијата за драмски уметности при Универзитетот во Загреб и истата година ја почнал професионалната кариера во загрепската филмска продукција „Јадран филм“. Следат ангажманите и во скоро сите странски продукции снимени целосно или делумно, на подрачјето на поранешна Југославија. Освен како продуцент, тој работел и како менаџер за локации за снимањата, асистент на режија, асистент на продукција, а во неколку филмови одиграл и помали улоги.

Во САД се преселил 1988 година, каде продолжува да работи со познати режисери, како Спилберг и Ридли Скот. Во продуцентското портфолио на Лустиг се огромен број други наградувани филмови, како што се „Падот на Црниот јастреб“, „Ханибал“, „Небесно кралство“, „Американски гангстер“, „Миротворец“, од којшто некои сцени се снимени во Битола, и други.

За работата на мини-серијата „Drug Wars: The Camarena Story“ е награден со Еми.

Оскарот за „Шиндлеровата листа“ пак, го даруваше на Музејот на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим, Израел.

Во хрватскиот главен град се врати пред неколку години. Годинава беше прогласен и за почесен граѓанин на Загреб.

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето