Параноидно нарушување на личноста

Од:

Психоверзум – Нови Сад

Нарушувањето на личноста се дефинира како карактеристичен и траен модел на однесување, мислење и чувствување кои многу се разликуваат од она што е вообичаено. Овие девијации обично се јавуваат во сфера на волјата, нагонот и емоциите.

Значи, нарушувањето кај личноста не претставува болест, туку една состојба, хронична маладаптација, хронична неприлагоденост на секојдневните услови за живот, неприлагоденост во интерперсоналните односи, како и постоење на дисфункционални ставови и однесување.

Што е параноидно нарушување на личноста?

Еден од најраните описи на параноидното нарушување на личноста го дал францускиот психијатар Магнан, притоа опишувајќи слабо лице кое се карактеризира со прекумерно размислување за одредени работи кое се повторува, преголема чувствителност, сомнителност. Сличен на овој опис е Крепелиновиот опис кој вели дека се работи за лица кои секогаш се подготвени да најдат некоја критика на нивна сметка, кои се чувствителни, раздразливи и кои живеат во судир со остатокот од светот. Подоцна во 1921 година, тој го преименувал името во параноидна личност и ги опишал овие лица како недоверливи, кои често чувствуваат дека неправедно се постапува кон нив, дека се цел на угнетување, озборување или потсмев.

Со текот на времето дадени се поопширни описи на ова нарушување. Па така денес на DSM-IV (Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders, 4th edition) се даваат следните критериуми за утврдување на постоење на параноидно нарушување на личноста.

Овие лица:

– Претпоставуваат дека други луѓе ќе ги искористат, ќе ги измамат или повредат, без основани докази.

– Преокупирани се со неоправдани сомнежи во лојалноста на своите пријатели.

– Одбиваат да се доверат на некого, од страв дека она што ќе го кажат може да биде злоупотребено против нив.

– Во добронамерните забелешки бараат понижувачки и заканувачки скриени значења. Забележуваат напади на својата личност и углед кои другите луѓе не ги забележуваат и обично тогаш реагираат жестоко.

– Често се сомневаат во верноста на брачниот или емотивниот партнер.

Денес се проценува дека, во општата популација, постојат 0,5 до 2,5 отсто лица кои имаат параноидно нарушување на личноста. Исто така, ова нарушување на личноста почесто се јавува кај мажите, како и кај лица во чии семејства постои член кој боледува од шизофренија или психотично нарушување.

Како настанува параноидното нарушување на личноста?

Кога се работи за самото настанување, разни автори даваат различни објаснувања. Меѓутоа, голема е согласноста кај авторите кога се работи за биопсихосоцијалниот модел. Под ова се подразбира дека причината може да се бара во целокупната животна историја на лицето.

Имено, причината најверојатно може да се припише на сплет на биолошки, генетски фактори, потоа социјални (начинот на кој лицето во раното детство ги воспоставувало првите релации со родителите како и со другите деца) и психолошки (темпераментот кој е обликуван од средината во која лицето растело, како и научените копинг механизми).

Од тука можеме да заклучиме дека не е доволен еден фактор за настанување на ова нарушување, туку комплексно, испреплетено делување на сите наведени фактори.

Како се манифестира параноидното нарушување на личноста?

Лица со ова нарушување имаат долгогодишен однос на недоверба и сомнителност. Значи, овие лица речиси секогаш ќе веруваат дека мотивите на другите се сомнителни или злонамерни. Тие претпоставуваат дека другите луѓе ќе ги искористат, ќе им направат некаква штета, ќе ги повредат, иако не постојат докази кои би ги поткрепиле нивните очекувања.

И покрај тоа што до некаде нормално е секој од нас да има одреден степен на внимателност кога се работи за интерперсонални релации, лицата кои имаат параноидно нарушување се внимателни и со сомнежи во сите итерперсонални релации, што значи дека внимателноста и неповерливоста се во секој професионален или личен однос кој го имаат.

Блиските релации кои лицата ги остваруваат можеби навистина се поле каде имаат најмногу проблеми. Нивната прекумерна сомнителност и хостилност обично се манифестираат преку чести конфликти, приговори или преку тивка резервираност и повлеченост. Токму нивната пречувствителност за потенцијалните закани, ги прави такви да можат да изгледаат ладно и резервирано.

Па така, иако понекогаш можат да изгледаат објективно, рационално и ладно, неемотивно, сепак во нивното однесување и комуникација со другите лица повеќе ќе доминира саркастичност, тврдоглавост или дури хостилност. Нивната борбена и сомнителна природа може да предизвика хостилен одговор кај другите, што уште повеќе ќе ги зацврсти нивните почетни верувања, дека другите луѓе се неправедни и дека претставуваат закана.

Зад неповерливоста се јавува и потреба за контролирање на околината, како и луѓето во неа, па така често се поставуваат ригидно, критични се, не се во состојба да соработуваат, а самите имаат проблеми со прифаќање на критиките. Покрај тоа, овие лица имаат силно чувство на автономија, како и голема потреба да бидат независни.

Третман на параноидно нарушување на личноста

Поради самата природа на нивната личност, неповерливост и внимателност, овие лица ретко бараат помош. Тие не ја препознаваат својата дисфункционалност, па како на такви не им треба тераписка поддршка. Меѓутоа, во ретки случаи кога ќе се јават за помош, комплексното делување на психотерапијата и фармакотерапијата може да даде задоволителни резултати.

Би можело да ве интересира

Доктори од Македонија завршиле медицина во Бугарија, но не смеат да работат во земјата оти се пишале Бугари

A1on

Развиена вештачка интелигенција која го открива ракот на дојката години пред да се развие

Ана Ололовска

Американски хирурзи успешно трансплантираа бубрег од свињa на човек

Ана Ололовска

Суперхероите од вистинскиот живот

Ана Ололовска

Белгиски научници направија крупен исчекор во борбата против ракот

Жарко Настоски

Почина педијатарот Кавасаки, кој откри ретка детска болест

А1он