Интернет страницата за споделување податоци „Пајрат беј“ (The Pirate Bay) тврди дека севернокорејскиот режим им понудил виртуелен азил.
Пајрат беј на својот блог објави дека повикот го добиле од лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун, пренесува весникот „Гардијан“.
– Можеме да објавиме дека Северна Кореја не повика својата борба да ја водиме од нејзината мрежа, се наведува во соопштението на страницата, чии серверви во Шведска минатата недела беа исклучени.
Со изјавата на веб страницата е поставено и знамето на Северна Кореја.
– Ова е земја која е отворена и не ги загрижуваат закани, се наведува во соопштението.
Пиратската страница и нејзините лидери се одлучија за овој потег откако добија голем број судски закани поради пренасочување на „БитТорент“.
– Ова е иронична ситуација. Се бориме за слободен свет, а наши противници се големите американски корпорации кои треба да го ценат слободното изразување, а не да го задушуваат, се наведува на блогот.
Пајрат беј се надева дека овој чекор ќе помогне во тоа Северна Кореја да добие пристап до информациите кои се наоѓаат на БитТорент.
Сепак, голем број аналитичари веруваат дека Пајрат беј се уште своите сервери ги има во Европа, како и дека пораката на нивниот сајт била со ироничен тон.